Министерството за транспорт и врски со најавениот ребаланс на Буџетот ќе бара дополнителни 300 милиони денари за доизградба на гасоводна инфраструктура, ставка кај која, според ресорниот министер Благоја Бочварски, се бележи доста добра реализација. Дополнителни пари, овој ресор ќе бара за сите области каде има добра реализација на капиталните инвестиции.

Бочварски денеска изјави дека со ребалансот на Буџетот очекува Министерството за транспорт во најголем дел да ги задржи средствата за изградба на инфраструктура и до крајот на годината да го подигне процентот на реализација на капитални инвестиции.

Околу 300 милиони денари ќе побараме дополнително за доизградба на гасоводите, бидејќи таму ќе имаме уште една постапка за интерконекторот со Грција во време на енергетска криза. Изградбата на гасоводите е од круцијално значење во државата – изјави Бочварски, на новинарско прашање по стартот на кампањата за зголемување на безбедноста на железничките премини.

Не е штета, порача министерот за транспорт и врски, да се дополнат средствата за да се намали влијанието на енергетската криза преку развивање на гасоводната инфраструктура.

Според Бочварски, секогаш при ребаланс на Буџетот се прават напори да се задржат средствата за инфраструктурата со цел да се инвестира што повеќе поради повеќекратниот бенефит за државата и за граѓаните.

Во фаза на ребаланс на Буџетот сме и ќе побараме дополнителни средства, за изградба на гасоводите, каде што имаме реално доста добра реализација. За секаде каде што имаме добра реализација ќе побараме дополнителни средства, не е штета доколку инвестираме во инфраструктура, така што очекувам и сите средства што се наменети за изградба на инфраструктура во најголем дел да ги задржиме со цел да ги инвестираме и до крајот на годината да го подигнеме процентот на реализација – изјави Бочварски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.