Утрово на Меѓународниот аеродром Скопје, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје.

Со ова започнува да се реализира редовната авиолинија Софија – Скопје што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.

Авиокомпанијата Гуливер ќе ги поврзува главните градови два пати во неделата, со интенција оваа линија да се поврзе и со аеродромот во Охрид.

Министерот Бочварски изрази задоволство од воспоставувањето на овој лет и најави можност за отворање линии и кон други нови дестинации.

Ме радува што во многу брзо време најдовме согласност и заеднички со Република Бугарија ја воспоставивме оваа линија. Работите се движат во посакуваниот правец и веќе ги гледаме резултатите од работењето на мешовитите групи со колегите од Бугарија. Летот Софија – Скопје од денеска почнува да сообраќа и првите патници веќе пристигнаа во Скопје. Им посакувам добредојде во нашата држава и испраќам порака дека нашата земја има што да понуди во делот на туризмот. Остануваме посветени со нашите пријатели и во наредниот период во изнаѓање на решенија со кои ќе ги зацврстиме пријателските односи и кои ќе донесат економски бенефит за двете држави, изјави министерот Бочварски од аеродромот во Скопје.

Министерството за транспорт и врски продолжува со креирање политики за развој на авиосообраќајот во земјата и отворање на нови дестинации за нашите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.