Изградбата на коридорите е клучно прашање за поврзување на регионите. Коридорот 10 е веќе комплетиран како автопатско решение, а работиме и на комплетирање на Коридорот 8, истакна министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски одговарајќи на пратеничкото прашање во попладневниот дел од собраниската седница.

Работиме на комплетирање на Коридорот 8. Од граничниот премин „Деве Баир“ со Бугарија кон Крива Паланка вршиме реконструкција на постоечкиот пат со доизградба на трета лента, реконструкција на сите мостови на таа делница во вредност од десет милиони евра. Продолжувајќи од Крива Паланка градиме нов експресен пат од две фази, од Крива Паланка до Ранковце. Во овој момент се работи на едната фаза, а за втората фаза имаме избор на компанија што треба да ги продолжи градежните работи, а воедно се рехабилитира и веќе постоечкиот пат, истакна министерот Бочварски.

Во изминатите неколку години, како што посочи, е рехабилитиран и постоечкиот пат од Ранковце од Крива Паланка, а се работи и на рехабилитација на постоечкиот пат од Куманово до Страцин, односно во источниот крак од Коридор 8, каде се вложени над 90 милиони евра.

Обиколницата Скопје, Тетово и Гостивар е комплетирано автопатско решение, останува да го надградиме автопатот од Тетово до Гостивар со целосно нова траса. И една од најтешките делници од Гостивар до Кичево што се проектира во две фази, објаснува министерот.

Како најголем капитален проект на државата од 600 милиони евра, Бочварски го спомена автопатот Кичево – Охрид на кој се работи во моментов. Исто така, додаде дека денес се работи на 70 нови проекти, што значат 70 нови точки за засилување на градежните работи, а 25 од нив се одобрени во Министерството за транспорт и врски .

Што се однесува на Јужниот Коридор 8 во Охрид, тој е исто така дел од плановите на Владата, секако со почитување на препораките на УНЕСКО. Се работи на едно законско решение што ќе бара широка парламентарна поддршка, а доколку ја добие ќе започне со изградба, со што целосно ќе се затвори Коридорот 8, додава министерот за транспорт и врски.

Одговарајќи на пратеничко прашање за проширувањето и реконструкцијата на автопатот Тетово-Гостивар, тој најави и нова патарина.

На овој автопат во иднина паралелно ќе се гради уште една лента, но по друга траса што ќе биде Гостивар – Тетово, а на овој актуелниот ќе се вози по спротивниот правец. Патарина ќе се плаќа ако сакаме тој да биде безбеден и сигурен во лето, но и во зимски услови да биде сервисиран, така што тоа е законска одредба која е воведена во државата. Треба да ги почитуваме и овие законски одредби, ако сакаме повеќе инвестиции, рече Бочварски.

Претходните најави беа дека овој автопат ќе биде со по три ленти во еден правец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.