Прашањето за повторно воспоставување на авиолинијата Скопје – Барселона, било отворено на денешната средба на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски со амбасадорот на Шпанија во државава Хозе Луиз Лозано Гарсија.

Бочварски го запознал Гарсија со инфраструктурните проекти во земјава, со посебен фокус на патната и железничката инфраструктура и гасификацијата, и ги повикал шпанските компании да учествуават на јавните повици за проектите.

На средбата се отвори и прашањето за повторно воспоставување на авиолинијата Скопје – Барселона, која е ставена во мирување поради рестрикциите од ковид пандемијата, наведоа од Министерството за транспорт и врски во соопштение по средбата.

– Регионалното поврзување е од голема важност за нашата држава, поради регионалната и интеграцијата во Европската унија. Инвестициите што ги правиме во изградба на патничката и железничката структура водат токму во тој правец, да обезбедиме модерни и безбедни коридори по кои ќе патуваат нашите граѓани, но и по кои ќе имаме ефикасна и брза трговска размена на стоки и услуги со регионот. Со амбасадорот разговаравме за нашите планови за инвестиции во патната и железничката инфраструктура и ги повикав шпанските компании кои се заинтересирани да земат учество на јавните повици за реализација на истите, вели министерот Бочварски во пишана изјава.

Со шпанскиот амбасадор, според соопштението, ја потврдиле заедничката соработка во делот на економијата и билатералните односи, со можност добрите односи меѓу двете земји дополнително да се продлабочат и интензивираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.