И Кочо Анѓушев го напушта Зоран Заев. Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања објави дека без разлика на исходот на изборите, тој се повлекува од политиката и им се враќа на своите компании и на Машинскиот факултет.

На што се должи ваквата одлука на бизнисменот? На владините пресови, Анѓушев секогаш поддржуван од Заев, тврди дека економијата блеска, странските инвестиции во првиот квартал на 2019 биле зголемени петпати и дека за две години се вработија 54 илјади луѓе, а нето-платите во текот на две години пораснаа за 10 отсто.

Просечната плата во земјава ќе достигне до 30.000 денари до крајот на 2020 година и тоа ќе биде базирано на реалниот раст на економијата. Зголемувањето на платите и пензиите не е предизборен поткуп, туку се заснова на растот на економските бројки во последните две години, изјави неодамна Анѓушев.

Сепак, и покрај овој „раст“, вчера во „Топ тема“ вицепремиерот се пожали дека неговите компании работат со скоро 50% помал профит.

Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа не е само заради неучеството на тендерите, туку и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката во перспектива, рече Анѓушев.

Кога Заев го смени министерот за финансии Драган Тевдовски, а подоцна ја постави Нина Ангеловска, за која министерската позиција беше прва државна функција добиена со нула административно искуство, многу експерти го протолкуваа тоа како „услуга за Анѓушев“. Наводно, вицепремиерот не се согласувал со политиките на „Данска Тевдовски“, па затоа и професорот си се врати на факултет.

Имавме супер министер за финансии кој беше разрешен затоа што не му се допаѓаше на Анѓушев. Не ни треба дете кое му се допаѓа на Анѓушев, порача тогаш професорката Мирјана Најчевска.

Само неколку месеци по нејзиното поставување законот за прогресивен данок беше одложен, што секако е во корист на Анѓушев – бизнисменот.

Но, неодамна тој јавно ѝ се спротивстави и на својата пуленка, и порача дека е против одложување на Законот за оданочување на каматите од штедни влогови.

Нашата берза е млада и нема уште толку голема ликвидност, сакајќи да го поддржиме работењето на берзата можеби треба да се размисли да се одложи за некое време овој данок на капитални добивки. Ние многу малку имаме берзанско работење и немаме ниедно ИТО во нашата држава и мислам дека точно тоа треба да го стимулираме ако сакаме да одиме кон едно развиено економско општество на конкурентна база, потенцираше Анѓушев.

И покрај пресовите за блескавата економија во предизборието, ова не е првпат десната рака на Заев да размислува за напуштање на функцијата. Така, пред фамозната „метла“, и неговото име се впишуваше до она на Тевдовски.

Во изјава за медиумите, Анѓушев тогаш рече дека е доста релаксиран по ова прашање.

Чест е да се биде член на Влада, но исто така секој кој добил државна функција треба да биде свесен дека еден ден таа функција и ќе ја напушти и тука јас не гледам голема трагедија во сето тоа, рече Анѓушев тогаш.

Во една прилика, дури и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кои се колеги професори на Машинскиот факултет во Скопје, рече дека Анѓушев вицепремиерот е различен од Анѓушев професорот.

Кочо Анѓушев како универзитетски професор беше посилна и подостоинствена личност. Како вицепремиер, не познавав таков човек, рече Мицкоски.

Анѓушев е само последен во низата на политички соработници кои се откажуваат сегашната власт. Во последниот период Заев го напуштија двајца советници, советничка за земјоделски политики Ленче Николовска и подобрување на меѓуетничките односи Мерсел Биљали, но други вработени во Владата. На списокот советници на Заев веќе неколку месеци го нема ниту универзитетскиот професор Ванчо Узунов, кој според догворот требаше да го советува премиерот до крајот на 2019 година. Поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски ја одби понудата на премиерот да биде ангажиран како советник, а со него си замина и неговиот советник, некогашниот шарен револуционер Бранимир Јовановиќ.

Заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, не само што си даде оставка и се повлече од Владата, туки и се повлече и од Централниот одбор на СДСМ. И портпаролот Миле Бошњаковски пред неколку месеци замина на сигурна позиција во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.