Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, за време на форумот „Стратешки економски разговори“, што се одржува во местото Савудрија на Истра во Хрватска, изјави дека во наредните пет до седум години целосно ќе биде трансформиран енергетскиот сектор во Македонија и ќе бидат реализирани голем број инвестиции во обновливите извори на енергија.

На панел-дискусијата, на кој се говореше за перспективите на инвестициите во обновливи извори на енергија во Југоисточна Европа, Битиќи изјави дека со Интервентниот план за инвестиции планирано е да бидат инвестирани 3,2 милијарди евра во енергетскиот сектор.

Со Интервентниот план за инвестиции, којшто неодамна Владата го усвои како одговор за побрзо закрепнување од пандемијата, но и за побрз и одржлив развој на енергетиката и економијата, генерално, во средорочен период од пет до седум години, во земјата ќе се инвестираат 3,2 милијарди евра во енергетскиот сектор, мешан капитал, на приватни и јавни инвестиции. Со ова во следните пет години, ќе го трансформираме енергетскиот сектор во Македонија, кон зелени и обновливи извори на енергија. Тоа ќе придонесе за праведна и правична транзиција од конвенционални извори на енергија со фосилни горива кон обновливи извори на енергија и ќе се тежи кон целосно исполнување на Националниот план за придонеси со кој предвидуваме намалување на емисијата на стакленички гасови до 82 проценти до 2030 година во споредба со истите во 1990 година – нагласи Битиќи.

Тој посочи дека за постигнување на овие предвидувања се работи на промена на свеста кај државните институции, но и на едукација на граѓаните.

Говорејќи за стратегиите, политиките и проектите што ги спроведува Владата во енергетскиот сектор, Битиќи изјави дека е донесен нов Закон за енергетика кој е усогласен со Третиот енергетски пакет на Секретаријатот на енергетската заедница, усвоена е Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и донесени се поголемиот дел на подзаконски акти со кои се овозможува забрзан развој на енергетскиот сектор и спроведување на праведна и правична транзиција кон обновливи извори на енергија.

Ги презедовме сите чекори кои се предуслов за енергетска транзиција, помеѓу кои е и целосната либерализација на пазарот, чекор кој нашата земја го направи како прва во регионот. Тоа не е единственото што го направивме како пионери во регионот на Западен Балкан. Први донесовме закон за енергетика кој е во целост усогласен со регулативите и директивите на ЕУ и со Енергетската заедница – изјави Битиќи.

Форумот „Стратешки економски разговори“ е во организација на „Бизнис развојната мрежа за Југоисточна Европа“ (SEEBDN – South East Europe Business Development Network) и „ТПА групација“ (TPA Group) од Австрија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.