Заменикот на претседателот на владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“, посочи дека изјавата дека цената на електричната енергија ќе поскапи по локалните избори е потполно неточна изјава со оглед на тоа дека цената се регулира од Регулаторната комисија за енeргетика еднаш во годината, а веќе таа цена е донесена во јуни 2021 година.

Сега ги гледаме предностите на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Кога имаме либерализиран пазар, се зголемува конкуренцијата, но и се презема ризик за евентуални движења на глобално ниво. Тоа сега се случува во овој момент. Сите оператори кои влегоа во овој енергетски пазар, за дистрибуција на електрична енергија до одредени потрошувачи, знаеја дека преземаат ризик во либерализираниот пазар. Во одреден период купуваат електрична енергија со пониска цена и ја продаваат за повисока, со маржа за добивка, но во друг момент цената може да порасне толку, па да се појави загуба. Тоа се пазарните движења. Лоша е изјавата, кој и да ја кажал, дека по одржувањето на изборите ќе има покачување на цената на електричната енергија – нагласи вицепремиерот.

Битиќи посочи дека Владата на Република Македонија, во согласност со преземените меѓународни обврски и во насока на зачувувањето на здравјето на граѓаните влезе во процес на транзиција на производството на електрична енергија од конвенционални извори кои загадуваат кон производство на електрична енергија од обновливи извори, а каде како транзиционо гориво ќе се користи и природниот гас.

Цената на електричната енергија, во моментите на транзиција, од базното производство на електрична енергија од јаглен, процес кој е штетен за здравјето на луѓето и за животната средина, во производство од обновливи извори, ќе треба да биде платена од крајниот потрошувач. Во стратегијата за енергетика дадени се јасни насоки кога треба да се случи транзицијата на производството од обновливи извори или од гас. Гасот не е обновлив енергенс, тој ќе помогне во транзицијата, за да постигнеме производство од обновливи извори на енергија. Во моментов се реализираат и јавни и приватни инвестиции и во обновливи извори, во моментот има проект во Осломеј за изградба на 100 мегаватна фотоволтаична централа, за полека да влезе во процесот на транзиција, од производство од јаглен во производство од сонце. Се работи и на дистрибутивната мрежа за гас, веќе сме на 80%, наредната година би требало да биде готова и секундарната мрежа, интерконекторот со Грција, со кој ќе се диверзифицира снабдувањето со гас ќе почне да се гради до крајот на оваа година. Се прават подготовки, кои не се направени претходно. Кај термоцентралите мора да бидеме на јасно, и претходните раководства на ЕЛЕМ и на термоцентралите знаеле дека количините на јаглен кои таму постоеле, не се доволни за потребите на пазарот, дека треба да се отворат и нови окна за копање на јаглен, тоа се инвестиции кои требале да се случат пред 8 години, а се случија лани. Трпението на граѓаните на сите нас изминува, но ние како Влада ќе направиме се што е потребно, за да граѓаните најмалку можно го почувствуваат процесот на транзиција и евентуалното покачување на електрична енергија. Ќе креираме пакети кои на праведен и правичен начин ќе одговорат на потребите на граѓаните, докажавме и секојдневно покажуваме дека работиме на тоа граѓаните да го добијат тоа што треба. Цената на електричната енергија се дефинира еднаш годишно и оваа цена ќе остане на сила до 30 јуни 2022 година – потенцираше Битиќи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.