Бесими вели дека состојбата на буџетот се следи на дневна основа и ако има потреба, навремено ќе се реагира.

Финансирањето на дефицитот и на кредитите кои доспеваат до крајот на годината ќе биде обезбедено и ќе има доволно пари за финансирање на следните пакети економски мерки и за редовна исплата на плати, пензии, социјална помош, за обврските кон стопанството, кон кредиторите, тврди новиот министер за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА.

Ќе обезбедиме доволно средства за финансирање на следните пакети на економски мерки за ублажување на ефектите од кризата, како и економска обнова во пост-кризниот период кон „новото нормално“. Приоритетно ќе биде да се согледа каде се можностите во рамките на буџетот со оглед тоа кои програми или проекти се знае со голема веројатност дека нема да можат целосно да се реализираат до крајот на годината, потоа привлекување финансии во нашата економија од надворешни извори на финансирање, како и разгледување на можности за мобилизирање на слободните финансиски средства од домашниот финансиски пазар а со тоа во координација со НБРМ со цел задржување на финансиската и монетарната стабилност во економијата – вели Бесими.

Тој вели дека ќе бидат обезбедени средства за евентуални нови шокови од епидемијата. Додава дека приходите и расходите на буџетот се следат на дневна основа и доколку се појави потреба, навремено ќе се реагира, а бизнис секторот и граѓаните ќе бидат навремено информирани за следните економски политики.

Обезбедени се ликвидносни средства за буџетот да извршува непречено се согласно планот до крајот на годината, односно редовно да се исплаќаат платите на вработените, пензиите на пензионерите, социјалната помош, редовно да се извршуваат обврските кон стопанството, обврските кон кредиторите, како и средства за антикризни мерки за помош на економијата и забрзување на ревитализирањето. Постои и бафер (средства за сигурност), зависно од развојот на настаните, за евентуален втор шок или за сервисирање на отплати кои доспеваат во 2021 година – потенцира министерот Бесими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.