Со 188 милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе се поддржи изградбата на три многу важни инфраструктурни проекти во земјава – автопатот Скопје – Блаце и фотоволтаичните електрани ФЕ Осломеј 2 и ФЕ Битола, соопшти Министерството за финансии (МФ).

Собранието вчера даде „зелено светло“ за двата закона за државна гаранција, кои беа изготвени од Министерството за финансии. Средствата, како што наведува МФ, ќе станат достапни по потпишување на договорите од страна на ЕБОР, ЈП за државни патишта, Електрани на Македонија и Министерството за финансии.

Министерот за финансии Фатмир Бесими неодамна истакна дека изградбата на овие проекти е од исклучително значење за развојот на државата. Со изградбата на втората подделница од автопатот Скопје – Блаце во должина од околу 10.5 километри значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, безбедноста на патот, ќе се скрати времето на патување и ќе се зголемат можностите за социо–економски развој, како на национално, така и на регионално ниво. Проектот ќе го имплементира ЈПДП и ќе се финансира со средства од ЕБОР во износ од 167,6 милиони евра, инвестициски грант од ВБИФ во износ од 20,82 милиони евра и грант за техничка помош од ВБИФ (техничка поддршка за имплементација на проектот и надзор) во износ од 5,68 милиони евра. Дополнително, ЕБОР доделува грант во износ од 0,35 милиони евра за изработка на е-мобилити национална стратегија и акциски план за патна инфраструктура,  информира МФ.

Според МФ, во услови на енергетска криза од исклучително значење е реализацијата на проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици кој опфаќа изградба на ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќност од 10 MW и ФЕ Битола со 20 MW, чиј имплементатор ќе биде ЕСМ.

-Оваа инвестиција ќе придонесе за нови вработувања, што позитивно ќе влијае врз социјалниот аспект во овие два региони, кадешто е планирана изградбата на двете фотонапонски електрани. Основната цел на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици е да помогне во постигнувањето на европските норми за емисии на стаклени и гасови, како и во исполнувањето на еколошките цели и заложби на Република Македонија. Истиот ќе има позитивен ефект врз животната средина, бидејќи со пуштање во употреба на фотонапонските електрани, ќе се намали производството на електрична енергија од термоцентралите, рече Бесими, образложувајќи го законот во Собранието.

Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 25,5 милиони евра и истиот го финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР во износ од 19,8 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, со грантот од ВБИФ во износ од 5 милиони евра и со сопствени средства во износ од 0,7 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.