Постепена фискална консолидација, односно намалување на дефицитот во буџетот е она за што ќе се залагаме и покрај предизвиците кои ги носат новите светски економски кризи. Буџетскиот дефицит предвиден со ребалансот е понизок во однос претходните две години, додека со фискалната стратегија се предвидува постепено намалување на дефицитот до 2,8 отсто во 2027 година, односно и под Мастришките критериуми. Министерот за финансии Фатмир Бесими на комисиската собраниска расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година, посочи дека Владата останува на среднорочната агенда за намалување на разликата помеѓу буџетските расходи и приходи, без притоа да се влијае негативно на растот.

Со Фискалната стратегија 2023-2027 година, предвидена е етапна фискална консолидација, со намален буџетски дефицит како процентуално учество во БДП и тоа од: 4,2 отсто во 2023 година, 3,6 отсто во 2024 година, 3,2 отсто во 2025 година, 3,0 отсто во 2026 година и 2,8 отсто во 2027 година. На среден рок, и покрај присутните ризици и неизвесноста, фискалната политика ќе продолжи кон натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции, како и подобрување на условите за водење бизнис и отворање на нови работни места – истакна Бесими.

Инаку, како што нагласуваат од Министерството за финансии, проектираниот дефицит за 2022 година, и отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 6,23 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 5,54 милијарди денари ќе се финансираат на меѓународниот и домашниот пазар, додека со оглед на актуелните економски и надворешно-политички состојби, оваа година поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари.

Ваквата определба ќе овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во македонската економија, а дополнително, преку наворешните извори за финансирање ќе се зголемат девизните резерви на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.