Кризата предизвикана од ковид – 19 и нејзиното влијание врз македонската економија, преземените пакет-мерки и новиот пакет што се подготвува во соработка со сите чинители во економијата, како и во консултации со меѓународните финансиски институции, беа тема на разговор на првата официјална средба, што се одржа онлајн, на новиот министер за финансии Фатмир Бесими со Бергјот Бјорнсон Баркбу, шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија и Штефани Ебле, регионален резидентен претставник за земјите од Западен Балкан.

Бесими, како што е соопштено, истакнал дека главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, а притоа зачувување на макроекономската стабилност.

Најавил дека ќе се следи работата на инситуциите и реализацијата на планираните проекти за конкретната година и во согласност со тоа ќе се утврдува колку средства ќе им се доделуваат наредната година. Фокусот, како што рекол, ќе биде ставен на привлекување финансиски средства во нашата економија од надворешни извори на финансирање, како и разгледување можности за мобилизирање на слободните средства од домашниот пазар.

Министерот потенцира дека, доколку успешно се спроведат политиките – поддржани и со евроатланските интеграции кои влијаат како катализатор на растот, очекува во следните години просечниот раст да се удвои, што би значело дека во најуспешните години може да се надмине психолошката граница за раст над четири проценти, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Од ММФ истакнале дека постојано ја следат состојбата во македонската економија и дека ќе продолжат да не поддржуваат во рамките на своите можности како што претходно помогнаа со Инструментот за брзо финансирање од 176,5 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.