Годината ја завршуваме со економски раст од 4,1 процент во согласност со нашите проекции и со можност тој раст да се надмине, реализација на капиталните инвестиции за над 40 проценти повеќе од претходната година и натфрлање во реализацијата на даночните приходи и придонеси во однос на проекциите од ребалансот на Буџетот за 2021 година.

Ова го истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата објавена колумна во која вели дека очекува позитивните движења во економијата да продолжат.

Политиките имплементирани од страна на Владата за поддршка на закрепнувањето на економијата, доведе до остварување стапки на реален раст на економијата од 13,4 проценти во вториот квартал и три проценти во третиот квартал од 2021 година, со што кумулативниот раст за првите три квартали достигна ниво од 4,6 проценти. Овој раст претежно беше предводен од зголемувањето на трговијата на мало и на големо со пораст од 15,9 проценти заклучно првите три квартали од годината споредено со 2020 година и на услугите со пораст од 5,4 проценти. Очекуваме до крајот на годината позитивните придвижувања да продолжат и да ја завршиме годината со економски раст од 4,1 процент, во согласност со нашата проекција, со можност истиот и да се надмине – наведува министерот за финансии.

Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, Бесими истакнува дека согласно последните расположливи податоци имаме за над 40 проценти повисоки реализирани капитални инвестиции споредено со истиот период претходната година. Односно, појаснува, реализацијата на капитални инвестиции е на ниво од околу 370 милиони евра или околу 77 проценти реализација во однос на планиреаните средства за 2021 година. Според министерот, реализираните инвестиции се очекува да достигнат највисоки ниво и во апсолутни износи, дава дополнителен оптимизам за реализирање на големите капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст.

Во колумната министерот за буџетскиот дефицит наведува дека се очекува тој да биде под шест проценти од проценетиот БДП во 2021 година, наспроти планираното ниво од 6,5 проценти во 2021 година, а исто така намален и од нивото од 8,2 проценти во 2020 година, со тенденција на понатамошно намалување односно 4,3 проценти од БДП, предвидени во Буџетот за 2022 година.

Особено важно е да се потенцира фактот дека има натфрлување во реализацијата на даночните приходи и придонесите и тоа истите достигнуваат ниво од 102 проценти од планираното со ребалансот во јуни 2021 година кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот буџет за пет проценти даночните приходи и за 1,3 проценти придонесите. Ваквата реализација на даночните приходи и придонеси придонесува за намалување на дефицитот за 0,5 проценти од БДП, односно околу 3,8 милијарди денари – вели министерот во колумната.

Тој додава дека ова е дополнение на плановите на Министерството за финансии за фискална одржливост, фискално консолидирање и предвидливост при континуирано следење на движењата во економијата, и задржување на простор за државна интервенција во време на кризи, како сегашната.

Бесими оценува дека воведувањето на среднорочното буџетско планирање во хоризонт од три години и со изгледи за наредните пет години, е додадена вредност кон предвиливоста на фискалните политики и одржливоста на јавните финансии, како и конзистеноста кон зацртаните цели.

Следната година се очекува реален раст на БДП од 4,6 роценти, воден од порастот во бруто инвестициите од 8,5 процентуи, зголемена извозна активност од 8,1 процент, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1 процент, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување на период на забрзан раст од над 5 проценти годишно, при што се надева дека глобалните економски текови ќе бидат подобри со цел целосно валоризирање на можностите, кои ни претстојат – вели министерот.

Тој, исто така посочува дека планирано е рекордно ниво на капитални расходи со учество од 14 проценти во вкупните расходи, односно историски највисоки 38,2 милијарди денари, нов квлитет во начинот на конципирање на буџетските политики и водење на јавните финансии, како и средства од околу 90 милиони евра, за поддршка на стопанството од ковид и енергетската криза со цел да може навремено да се реагира на предизвиците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.