Министерот за финансии Фатмир Бесими и албанската министерка за финансии и економија, Анила Денај, на средба остварена на маргините на Преспа Форум Дијалог во Охрид, истакнаа дека Македонија и Албанија работат на подобро меѓусебно поврзување, преку проекти во енергетиката, инфраструктурата, како и олеснување на трговијата.

Бесими и Денај порачаа дека веќе се работи на интерконективното поврзување, а преземени се и повеќе активности за Коридорот 8, односно патно и железничко поврзување на Македонија со Албанија.

На патниот дел од Коридорот 8 веќе се работи на делницата Кичево-Охрид, а потпишан е и Меморандум за разбирање за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан.

Бесими информира дека министерството за финансии, заедно со надлежните институции, презема активности за обезбедување средства за финансирање на проектот за изградба на железничка пруга Кичево-граница со Албанија, односно прва фаза делница Кичево-Струга.

Бесими и Денај порачаа дека заедничкиот акциски план за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, значи развивање Регионален проект за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, кој ќе ги имплементира идентификуваните активности во секоја земја. Проектот е од регионален карактер и во првична фаза ќе ги вклучи Македонија, Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Предвидено е воспоставување Национален едношалтерски систем со подобрени модули од EXIM и CDEPS, како и Подобрување на гранични премини и терминали на Деве Баир и Ќафасан. Потпишан е договор за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Македонија и Албанија и се очекува реализација на градежните работи од 2022 до 2023 година.

Во Министерството за финансии во завршна фаза на изработка е Планот за финансирањето на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, кој наскоро ќе се презентира и дискутира во јавноста. Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Со планот се сака да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс постепено да се намалува фискалниот дефицит, а со тоа и да се задржи долгот на стабилно ниво.

Главната поента на овој план е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.

Планот се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.