Очекуваме февруари да биде клучен за реализација на мерките од петтиот пакет економски мерки и им порачувам на пратениците во Собранието да ја усвојат грантната шема за да може да се спроведат, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Убеден сум дека наредните законски решенија кои ќе произлегуваат од петтиот сет на економските мерки ќе бидат поддржани и од страна на опозицијата, бидејќи јавно кажуваат дека се за поддршка на граѓаните и на стопанството во целина, изјави Бектеши во одговор на прашање по денешната посета на скопската компанија Раде Кончар ТЕП.

Владата и сите кои учествуваат во економско социјалниот совет, додаде, сакаат да донесат што подобри мерки за да му излеземе во пресрет на стопанството, а особено на угостителскиот и туристичкиот сектор.

Одредени мерки се предвидени и во петтиот сет економски мерки во делот на исплатана палати, но истовремено и со нудење бескаматни кредити и слично. Повеќето од барањата на угостителскиот и туристичкиот сектор ќе бидат прифатени. Како институција веќе сме направиле соодветни анализи и нема да останеме пасивни, но мерките ќе бидат во насока на проактивност и на институции, но и на угостителите. Сите тие кои кон крајот на 2021 година ќе покажат дополнителни резултати од претходните години вклучувајќи ги и 2019 и 2020 година ќе бидат повеќе помогнати. Тие кои ќе бидат пасивни ќе бидат помогнати како сите фирми кои ќе ги исполнат условите, рече Бектеши.

Најави дека при крајот на првиот квартал од годинава ќе биде објавен јавниот повик за ваучерите за домашен туризам од страна на Министерството за економија.

Ќе има различни критериуми од претходно издадените ваучери во време на пандемија. Вредноста на секој ваучер ќе биде 250 евра за семејствата кои се најпогодени и имаат приходи помалку од 30.000 денари, прецизира Бектеши.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.