Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше дека Владата го усвоила законот за заштита на потрошувачите на предлог на министерството за економија.

Овој закон ќе помогне да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, за заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакции. Со овој закон се обезбедува високо ниво на првата на потрошувачите, но и полесно деловно уредување. Исто така се уредуваат правата и обврските на здружението за заштита на потрошувачите, а предвидени се и инструменти за брзо решавање на споровите – изјави Бектеши.

Министерот укажа дека како новина се воведува посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики при продажба, вклучувајќи ги и дигиталните понуди.

Одредена трговска практика е нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, особено ако не се наведуваат јасно условите. Трговска практика се смета за нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, па дури и ако информациите се точни, но го доведуваат во заблуда потрошувачот да донесе одлука која не би ја донел во вообичаени услови. Нечесно е и ако со принуда или примена на сила го доведе во заблуда потрошувачот или го наведе на пазарна одлука која не би ја донел во други услови – појасни Бектеши.

Министерот укажа дека во зависност од големината на компанијата, предвидени се казни од 500 до 10 илјади евра казна за непочитување на законот.

Во делот на санкциите, предвидена е и привремена забрана за работа од три месеци до две години, за среден и голем трговец, и 20 дена за микро и мал трговец. Одговорните лица, ќе добијат забрана за вршење дејност од 3 месеци до 1 година – рече Бектеши.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.