Соработката помеѓу двете земји, економските последици што би можеле да настанат како последица на руско-украинскиот конфликт, како и реализацијата на инфраструктурните проекти, пред се во делот на енергетиката кои што се клучни за развојот на државава, беa во фокусот на разговорите на министерот за економија Крешник Бектеши со амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз.

Како што соопшти Министерството за економија, во рамките на состанокот министерот ги презентираше реализираните проекти и планираните активности во делот на енергетиката, трговијата, иновациите, поддршката на странските инвеститори.

Бектеши ја информира амбасадорката за сетот од 26 мерки кој што го донесе Владата за поддршка на економијата и истакна дека со голема внимателност се следи ситуацијата, пред се во делот на цените на енергенсите за што се развиваат сценарија за можни исходи.

Тој ја изрази и својата благодарност до Владата на САД како наш главен стратешки партнер, којашто постојано ѝ дава значајна поддршка на нашата Влада во спроведувањето на активностите насочени кон економски раст и стабилност на земјата, стои во соопштението.

На средбата помеѓу министерот Бектеши и амбасадорката Брнз стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека клучен предизвик за македонската економија во моментот е справување со економските последици од руско-украинскиот конфлит.

На средбата е упатена благодарност за поддршката на Македонија, која како НАТО сојузник, се приклучи кон повикот за запирање на воените дејствија во Украина, се додава во соопштението на Министерството за економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.