Бруто домашниот производ во третиот квартал годинава бележи раст од 3,6 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци во третото тримесечје од 2019, најголем пораст е забележан во секторите рударство и вадење на камен, преработувачка индустрија, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 6,8 отсто, градежништво од 5,5 отсто и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 4,9 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2019 година, номинално растеа за 4,6 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 65,6 отсто.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголемил за 8,4 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 10,9 отсто.

Растот на БДП во првиот квартал изнесуваше 3,9 отсто, а во вториот 3,4 отсто.

Премиерот во заминување, Зоран Заев на денешната прес-конференција го искоментира денешниот резултат од кварталниот раст на бруто домашниот производ од 3,6 отсто како незадоволителен, бидејќи тој лично очекувал тој да биде повисок.

По мое мислење, очекував тој да биде 4 отсто. Се водев од индустриското производство, но и други дејности не ги дале очекуваните резултати. Имаме просек од три квартали оваа година на раст од 3,6 отсто, а ние проектиравме дека тој на крајот од 2019 ќе биде 3,8. Верувам дека ќе го исполниме проектираното, но само ако последното тромесечие БДП-то биде над четири проценти. Можеме да бидеме задоволни, но не до крај – рече премиерот во заминување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.