Претседателот на Стопанската комора и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески, вели дека добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции.

Во интервју за српскиот дневен весник „Вечерни новости“, Азески истакнува дека тоа може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји, како и преку преку унапредување и продлабочување на економската соработка.

Еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговско-економската соработка во регионот е развиената патна и железничка инфраструктура, како што е автопатот низ Грделичката клисура и изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица. Претстои реконструкција на железничките линии, што ќе овозможи забрзан проток на луѓе и стоки – посочува Азески.

Тој додава дека Србија е наш трет трговски партнер, веднаш зад Германија и Велика Британија. Во 2020 година реализирана е трговска размена меѓу двете земји во вредност од 781,4 милиони долари што е за 8,6 отсто помалку поради Корона кризата.

Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис секторот, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари. Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така можат да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата – констатира Азески.

Според него, охрабрувачки е податокот дека во првите месеци од 2021 година трговијата расте.

Целта е да се удвои и да се врати на нивото од 2008 година, кога била реализирана трговска размена во вкупна вредност од 1,5 милијарди долари – порачува Азески и посочува дека тоа може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.