Стопанската комора на Македонија утре одбележува 99 години постоење.

По 30 години од нашата независност разликите меѓу приватниот и јавниот сектор се уште се продлабочуваат Утре Стопанската комора на Македонија слави 99 години. Таа е една од нашите најстари институции. Да не беше институција, да беше „човек“, ќе изгледаше како старец кој е на крајот од својот животен век. Меѓутоа, Комората денес изгледа доволно искусно и мудро и сѐ уште може да привлекува членки, па затоа решивме на нашата прослава да ја „поканиме“ големата филмска ѕвезда Моника Белучи, бидејќи исто како нас таа изгледа преубаво за своите години и сѐ уште привлекува внимание. На прославата ќе бидат присутни австрискиот канцелар Себастијан Курц, претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, бившиот премиер на Грција Алексис Ципрас, бившиот претседател на Хрватска Стипе Месиќ, милијардерите Бранко Роглиќ („Орбико“), Миодраг Мишковиќ („Делта холдинг“) и Рифат Хисарчиоглу од Турција, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска и повеќе стотици други бизнисмени, министри, соработници и пријатели на Стопанската комора на Македонија. Претпоставувате – тие ќе бидат дел од специјалната емисија насловена „99 години Стопанска комора на Македонија“, која ќе се емитува на нашите телевизиски куќи, поради една и единствена причина – мерките што се во сила за заштита од актуелната пандемија предизвикана од вирусот корона. Од истите причини, за првпат во својата историја, Стопанската комора на Македонија и традиционалните награди ги додели во компаниите, а не во своето седиште, во куќата на бизнисот, на „Димитрие Чуповски“ бр.13. Се надевам дека сите овие личности кои ќе ги гледате на телевизиските екрани овие денови ќе бидат присутни во живо на 18 февруари 2022 година, кога ќе ја славиме 100-годишнината на Комората. Можете да претпоставите што сѐ поминала една институција во изминатите 99 години. На Балканот, за кој многумина тврдат дека не е географски поим, туку правец во психологијата, тоа значи војни, блокади, ембарга, кризи и што ли уште не. Да се опстане во таков амбиент е вистинско чудо. Комората во тој период доживeа и подеми и падови, но никогаш не исчезна затоа што таа претставува реална потреба на компаниите, која ги обединува за оствaрување на нивните цели, а тоа се создавање профит, отворање нови работни места и нормално функционирање на целата држава. Во оваа прилика сакам да напоменам неколку факти. Денес Стопанската комора на Македонија претставува моќна организација, со признато реноме и дома и во регионот. Членките на Комората создаваат половина од вкупниот приход во приватниот сектор, односно 50,3%; речиси половина од профитот во приватниот сектор, односно 47,6% и секој трет вработен во приватниот сектор е вработен во компанија членка на нашата комора, односно 33,7%. Во апаратот на Стопанската комора на Македонија има тројца доктори на наука, 15 магистри и повеќе од 10-тина експерти. Но тие бројки се многу поголеми во членките, каде што има повеќе од илјада инженери, правници, економисти, меѓународно признати експерти, академици и луѓе со високи научни титули. Таква концентрација на умствен капитал нема ниту една друга институција. Сето тоа се остварува во услови на коморски плурализам и на доброволно членство. Коморскиот плурализам и доброволното членство се вистински доказ за нашата успешност, која на најпрофесионален начин е во функција на приватниот сектор во нашата држава. Регионално, Комората во последните години двапати претседаваше со Асоцијацијата на балканските комори (асоцијација на 11 држави на Југоисточна Европа), а денес е успешен предводник на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) со седиште во Трст, кој настана во 2016 година во рамките на Берлинскиот процес на германскиот канцелар Ангела Меркел. Можам да потврдам дека Комората е подготвена за новите предизвици, како што се дигитализацијата, зелената енергија, енергетската ефикасност, борбата против пандемиите и другите општествени зла и подготвени сме да се фатиме во костец со најгорливите проблеми на економијата. Затоа, сиот наш ангажман до 100-годишниот јубилеј ќе биде насочен кон тоа да ја потврдиме сегашната позиција на лидери во приватниот сектор кај нас и во регионот. Она што ме загрижува е сѐ поголемиот јаз што настанува и што се продлабочува меѓу јавниот и приватниот сектор, затоа што напредокот на една земја е можен само ако тие релации се обострани. Во реалноста имаме состојба во која компаниите одат побргу напред отколку државните институции. Кадарот на компаниите темелно се едуцира, се надградува, стекнува искуства на меѓународните пазари и секојдневно се бори со конкуренцијата. Од друга страна, јавниот сектор, и покрај желбата на поединци, сѐ уште плива во неефикасност, партизација, прекубројност и во слаба стимулација, а може да се заштити единствено со привилегирана позиција во односите со приватниот сектор на планот на меѓусебните плаќања, донесувањето закони по скратена постапка и на претераната регулација. Таа подвоеност, ако не се преземе нешто, ќе резултира со уште поголеми поделби и тогаш меѓусебната соработка ќе стане неможна, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.