Доста ни е од затвореност, корупција, сива економија и ефтина работна сила. Не сакаме веќе понижувања дека сме неспособни да се интегрираме во меѓународната заедница и дека некој однадвор треба секогаш да ги решава нашите проблеми. Бараме да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во имплементацијата без оглед на отпорот на конзервативните сили, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во кусото интервју за МИА по повод утрешниот Економски форум за регионална соработка што ќе се одржи во Скопје.

Азески во интервјуто оценува дека е неопходно регионот што побрзо да се апстрахира од деструктивниот процес на „балканизација“.

Според него, актуелните политички елити на Србија, Албанија и Македонија имаат волја да ги решат економските проблеми, но бизнисмените тоа треба да го искористат и да го направат потребниот чекор за успешна интеграција.

Претседателот на Комората е дециден дека пролонгирањето на преговорите со ЕУ предизвикува штети, но најголемата од нив е неизвесноста која практично го „убива“ бизнисот. Европските лидери кон овој процес треба да пристапат најодговорно и професионално зашто трпението и наклонетоста на бизнисот кон европските вредности може да се доведе во прашање, подвлекува Азески во интервјуто.

Нашата порака од собирот ќе биде јасна и ќе бара „да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во имплементацијата без оглед на отпорот на конзервативни сили“, вели Азески пред почетокот на Економскиот форум за регионална соработка на кој се очекува да учествуваат преку 400 компании од Македонија, Србија и Албанија, но и од БиХ, Австрија, Полска, Грција, а присутни ќе бидат и српскиот претседател Александар Вуќиќ и албанскиот премиер Еди Рама.

Не сакаме веќе понижувања дека сме неспособни да се интегрираме во меѓународната заедница и дека некој однадвор треба секогаш да ги решава нашите проблеми. Бизнисмените ја гледаат големата слика и градат мостови меѓу феудалните концепти на исфрустрираните земји на Балканот и поради тоа доста ни е од затвореност, корупција, сива економија, евтина работна сила, додава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.