Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска соопшти дека досега од нив не е побарана, ниту одобрена промена на сопственичката структура на 1ТВ.

По пишувањето во дел од медиумите дека 1ТВ има нов сопственик, од АВМУ преку соопштение појаснуваат дека согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не смее радиодифузер да направи промена на сопственичка структура пред таа да биде одобрена од страна на Агенцијата.

Воедно, Централниот регистар не треба да впишува промена на сопственичката структура, без одлука на Агенцијата со која се дозволува планираната промена. Досега, од Агенцијата ниту е побарана, ниту пак е одобрена промена на сопственичката структура на 1 ТВ, се наведува во соопштението.

Од АВМУ додаваат дека во изминатиот период презеле низа активности во насока на тоа да се утврди дали оваа телевизија ги исполнува условите и обврските утврдени во Законот.

Покрај проверката на посебните минимални просторни и кадровски услови, како и исполнувањето на програмскиот концепт за кој е доделена дозволата, Агенцијата е во координација и со Министерството за внатрешни работи во врска со одредени аспекти од работењето на оваа телевизија, велат од АВМУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.