Во внатрешниот промет карго-доставите на нарачки од е-трговија работат без евидентирање и претставуваат најголем извор на затајување данок на национално ниво, вели претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска. Таа додава дека нема стабилна економија, доколку условите на пазарот не се еднакви за сите.

Исто така, вели Арсовска, без системска контрола и регулација на е-трговијата се уништуваат стихијно над 10 илјади македонски претпријатија кои работат во секторот трговија.

Во моменти кога ЕУ земјите го штитат својот домашен пазар и имаат нулта толеранција за избегнување на царина и данок, во Македонија прагот за меѓународна е-трговија расте, што директно ги оштетува малите увозни претпријатија – вели претседателката на ССК.

Арсовска вели дека во новата година институциите треба да воспостават добро корпоративно управување кое во услови на криза, бара знаење и компетентност.

Арсовска вели дека какви ќе бидат економските показатели за движењето на македонската економија во наредната година ќе зависи од тоа дали ќе се остварат очекувањата за надминување на кризата во првиот квартал од новата година.

Во следната година важно ќе биде одлуките на институциите да одговараат на барањата и потребите на граѓаните и стопанството, а колективниот интерес секогаш да биде пред индивидуалниот. Државата треба да се стреми кон систем кој ќе гарантира сигурност и стабилност на работните места и на економијата воопшто, како и кон институционално посветено делување кон секој кој регистрирано работи на националниот пазар, со цел да му се овозможат фер услови диктирани од самиот пазар, кој, пак, треба да е ослободен од влијанија и да е базиран на принципите на слободна конкурентност и еднаков третман. Важно е да се инсистира на овозможување на подобро деловно опкружување, каде секој ќе има еднаква шанса за успех и напредок – вели Арсовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.