„Креатив Хаб“ пред една година беше само регистриран бизнис на хартија, а денес сме во Лондон во луксузен хотел ја славиме листата на „Форбс“. Дури и нереално, ова во интревју за „Република“ го раскажа Аријана Коскарова, откако таа и нејзиниот брат Бојан се најдоа на „Форбс“ листата претприемачи помлади од 30 години.

Оваа година уредниците на „Форбс“ прегледале преку 15.000 претприемачи пред да ја објават „Форбс: Под 30” (претприемачи помлади од 30 години) листата, што прво помисливте кога ја дознавте веста дека заедно со вашиот брат се најдовте на оваа листа?

Аријана: Процесот на селекција за да се влезе во оваа листа е навистина долг и трае неколку месеци. Ние за време на изминатата година почнувајќи од месец мај, па до крајот на февруари 2019 имавме неколку евалуации кои требаше да ги пополниме, за да влеземе во полу-финале ( ако можам така да се изразам) за потоа да дојде и новинар од Њујорк и да не запознае лично и да направи интервју со нас. Се до самиот ден додека не ја објавија листата, ние не знаевме дали сме или не сме избрани. Тоа утро ме разбуди мајка ми по телефон да ми каже дека брат ми добил емаил од Рандал Лејн, и да ме праша дали сум добила и јас. Прво нешто што помислив ( откако се расплакав ) беа сите овие години на работа, вложување, жртва за да изградиме некој претприемачки сон кој денес е реалност.

Основач сте на бизнис центарот за неформално образование „Креатив хаб“, очекувавте ли дека вашата работа со центарот ќе ве донесе до „Форбс“?

Аријана: Ние бевме веќе поканети на еден Форбс самит во мај 2018 година во Тел Авив, но само како учесници токму во групата иновативно образование. Признавам дека паднавме во очи токму со моделот кој го претставивме кој вклучува 5П пристап односно: програми што одговараат на потребите на пазарот денес, предавачи – добро познати професионалци од област, ексклузивни настани во текот на програмите, визитинг предавачи од странство, платена пракса за секој студент. Сметам дека иновативноста на оваа тренинг програма, како одговор на застареното Факултетско образование не донесе до титулата Форбес под 30.

Како настана „Креатив Хаб“?

Аријана: „Креатив Хаб“ настана по завршувањето на моите „МБА“ студии во Монако. Тогаш добив желба да се предизвикам како претприемач, се вратив во Македонија и без многу размислување го отворивме „Креатив Хаб“ со брат ми. Немавме бизнис план нити пак многу искуство во приватен бизнис, но имавме многу силна желба за да успееме. И работевме по 14-15 саати на ден, а и ден денес работиме и сабота и недела.

Кој за што е задолжен во „Креатив Хаб“? Што работи Аријана Коскарова, а што Бојан Коскаров?

Аријана: Бојан е задолжен за целиот финансиски дел и планирање, додека јас сум повеќе оперативниот дел и целосна комуникација со клиенти и предавачи.

 

Колку за вас, да се најдете во иста просторија со едни од највлијателните луѓе во светот е исполнување на вашите соништа?

Аријана: Сум имала можност неретко да седнам на иста маса со многу влијателни луѓе и можам слободно да кажам дека се зависи од тоа што ќе понудите Вие на масата. Истото го размислував и вчера додека траеше настанот, колку е неверојатно сето ова. „Креатив Хаб“ пред една година беше само регистриран бизнис на хартија, а денес сме во Лондон во луксузен хотел ја славиме листата на Форбс. Дури и нереално.

Со какво искуство се враќате од Лондон, имаше ли можност да размените идеи со лица влијателни во светскиот бизнис?

Аријана: Секако, тоа е и убавината на тој настан, собрани се најуспешните според Форбс, секој во својата област. Мислам дека дури Форбс настаните се и препознатливи по тоа дружење и тоа колку се сите отворени за соработки. Еве ќе Ви откријам и нешто, со група пријатели кои се запознавме таму, сите од различни области, но сите на Форбс под 30 листата, дури и направивме група каде секојдневно испраќаме информации за бизнис идеи или поддршка.

Рандал Лејн, главниот уредник на Форбс во најавата, Аријана ве спомена како најдобро облечена, а посочи и дека може да размислите за основање на моден бренд, ќе го послушате ли во иднина неговиот совет?

Аријана: Ха, ха. Рандал навистина ми направи чест со тоа што ме прогласи за „најдобро облечена”, но заслугата не е моја туку на младиот македонски дизајнер Мите Занов кој ја изработи облеката за таа вечер. За моден дизајнер не сум талентирана, но со Занов разговаравме за промоција на брендот бидејќи навистина по вчерашната вечер се вратив со 20 визит карти на гости од настанот што сакаат да го нарачаат оутфитот што го носев.

Кои се плановите за во иднина?

Аријана: Само што го отворивме нашиот нов центар во Скопје, „Креатив Хаб“ 2, во моментов отвараме и во Тирана, Албанија,  а секако плановите се да го прошириме нашиот концепт на квалитетен тренинг хаб во светот. Истовремено планираме и еден проект, за младите во Македонија, кој се надеваме доволно ќе ги мотивира да се вклучат, бидејќи наградата ќе биде токму карта за глобалниот Форбс Самит.

Разговараше: К.Н.К

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.