Додека струјата поскапува за 7,4 отсто, ЕЛЕМ (ЕСМ) распишува јавна набавка на газирана и негазирана вода за скоро 3 милиони денари за потребите на РЕК Битола, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.

На 29 јули, два дена пред поскапувањето на струјата, ЕЛЕМ склучило договор по тендерот за јавна набавка на минерална газирана и негазирана вода која го распишала компанијата во износ од скоро 3 милиони денари или околу 50 илјади евра за потребите на РЕК БИТОЛА. Компанијата која за да го заштити својот профит бараше поскапување на струјата во исто време набавува вода во износ од 50 илјади евра само за РЕК Битола. Со други зборови народот ќе плаќа поскапа струја за 7,5%, а ЕЛЕМ ќе набавува газирана и негазирана вода од скоро 3 милиони денари или 50 илјади евра- рече на денешната прес-конференција Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, ова е само еден од показателите на недомаќинското работење на власта на СДСМ и Зоран Заев.

Тие изминатиот период во енергетските компании кај што платите се далеку над просекот вработуваа партиски војници, непотистички вработуваа роднини на функционери, делеа бонуси, правеа сомнителни милионски тендери, цело време со парите од граѓаните, за сега без срам да бараат народот да им го плаќа нивното неодговорно работење , рече тој.

Со ова покачување, додаде тој ,Македонија стана една од државите во Европа во која граѓаните плаќаат највисока цена споредено со просечната плата.

Со оваа одлука директно се удира по стандардот на граѓаните во услови на епидемија со коронавирусот. Македонија е единствената земја во регионот и пошироко која во ваква здравствена криза покачува енергенс, кога сите останати или ги задржуваат цените или ги намалуваат.Народот исто така не смее да ја плаќа цената на енормното задолжување од 1 милијарда евра во само три месеци, кое беше злоупотребено за изборен поткуп. Тоа што пред изборите им го даваа на дел од граѓаните со лажичка, сега сите ние ќе треба да го враќаме со лопата, рече тој.

Антовски смета дека наместо политикантство потребни се конкретни планови и стратегии со кои Македонија ќе се извади од здравствената, но и економската криза која секој ден ги осиромашува граѓаните на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.