На скандалите и криминалите во РЕК Битола никако да им дојде крајот. После нашето обелоденување на криминалниот тендер за ископ на јаглен, додека невешто се трудат да ги оправдаат своите афери, ги повикуваме да објаснат како ги поделиле 7-те милиони евра повеќе, истакна на денешната прес конференција Стевче Антовски од ВМРО ДПМНЕ.

Да потсетиме, РЕК Битола склучува коруптивен договор во висина од 20.000.000 евра. на тендерот со еден понудувач „Марковски- компани“, а само за споредба кога имало конкуренција за истата намена во 2021 година РЕК Битола платиле 13.000.000 евра што е за 7.000.000 евра помалку.

Бројките се немилосрдни. Кога имало конкуренција цените биле далеку пониски. Ете на пример во минатото кога имало негативно наддавање за тендер, цената на јагленот по GJ (гига џул) достигнувала цена од 99 денари/GJ (единечна цена во која се наплаќа донесениот јаглен во сооднос квалитет и количина). Напротив, кога немало наддавање во 2021 година цената била неверојатни 130 денари на тендерот кој го договориле во четири очи со фирмата која ја фаворизираат. За истата услуга во 2022 година цената достигнала до 153 денари со ДДВ, повторно на тендер кој е договорен во четири очи – рече Антовски.

Ете затоа тендерите стануваат се поскапи, а РЕК Битола тоне се повеќе.

Лакомоста на раководството на РЕК Битола не завршува тука. Криминалот е многу поголем при реализација на овие тендери, кога истиот камион неколку пати поминува на вага со товарениот материјал без да го истовари на депониите за јаглен, т.е. истиот товар се наплаќа и фактурира неколкукратно, па оваа цена неколкукратно ја надминува цената по GJ.

Но, ова е само еден од начините за испумпување на средства од РЕК Битола. Денес ќе објавиме зошто синдикалниот лидер на РЕК Битола Менде Фидановски молчи и нема ниту збор за бројните афери поврзани со РЕК Битола, за теророт, за отпуштањата, за немањето ХТЗ опрема. Зошто нема ниту збор од него за уништувањето на компанијата и за туркањето во загуба?! Зошто од синдикатот нема ниту збор за потенцијалното затворање на работните места во ЕЛЕМ!

Менде Фидановски откако е главен синдикалец има наплатено 1.200.000 евра од РЕК Битола на име тендери, преку сопствената семејна компанија која до 2020 година била водена од неговата сопруга. Истата таа од 2020 година е вработена во РЕК Битола, во службата за деловно техничка апликација како организатор на обработка. Сега семејната фирма со еден вработен КОМПАКТ МСФ ДООЕЛ Битола, ја води нивниот син Мартин Фидановски.

Договорите кои ги објавуваме сведочат за тоа како преку семејната фирма на синдикалниот лидер Менде Фидановски „КОМПАКТ МСФ“ ДООЕЛ Битола се испумпуваат народни пари од РЕК Битола. Фирмата учествува на тендер во РЕК Битола и го добива тендерот. За тоа сведочат договорите од 21.6.2022 година и од 26.8.2022 година. Разликата од оние договори од 2020 година е што тогаш тие се потпишувани од сопругата на Менде, а во 2022 година од синот, бидејќи како награда, сопругата на Менде веќе е вработена во РЕК Битола.

Неколку пати предупредуваме дека во РЕК Битола безмилосно се краде.
Ги повикуваме истражните органи да реагираат по допрен глас за лица кои ги крадат нашите и вашите пари.

ПРЕМНОГУ Е! Одговорност ќе има за сите!

Избори што побргу и нова влада за да се престане со раскрчмувањето и крадењето во РЕК Битола, рече Антовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.