Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски ја започнаа работната посета на Брно, Чешка, каде овие денови се одржува најголемиот Инженерски саем во Централна Европа.

Пред свеченото отворање на саемот, официјалната владина делегација оствари средба со чешкиот вицепремиер и министер за трговија и индустрија Карел Хавличек, со кого разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и за потенцијалите за зголемување на трговската размена, можностите за инвестирање и енергетските реформи во нашата земја.

По состанокот помеѓу двете делегации, вицепремиерот Анѓушев, како што соопшти неговиот Кабинет, истакна дека постои простор за проширување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во делот на пласирање земјоделски производи во Чешка, интензивирање на соработката помеѓу чешките и компаниите од Северна Македонија, како и во поглед на инвестиции од Чешка во нашата земја.

Веќе имаме пример на чешка инвестиција, тоа е компанијата „Локотранс“, која има најавено дека ќе гради фабрика во нашата држава за шински возила. Се обидуваме да привлечеме и други компании, не само да градат, туку и да бидат купувачи на производите од нашите индустриски капацитети. Денеска и утре ќе имаме средби со бројни компании во Чешка и мислам дека ќе имаме добар развој на соработката и економската размена меѓу нашите две земји, изјави вицепремиерот Анѓушев по средбата со Хавличек.

Чешкиот вицепремиер Хавличек изрази задоволство од одржаниот состанок и добиените информации за инвестициските можности во Северна Македонија, особено за условите за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони.

Дефинитивно би сакале да ги дискутираме условите за инвестирање во ТИРЗ во Северна Македонија со сите претставници на чешките претприемачи, Стопанската комора и Конфедерацијата на индустрии, затоа што верувам дека многу чешки компании ќе бидат заинтересирани за производни активности во зоните, нагласи Хавличек.

Во Брно денеска започна Инжинерскиот саем, што е најголем настан од овој тип во Централна Европа, на кој се присутни околу 1.600 изложувачи од Чешка и целиот свет, а се очекува саемот да биде посетен од над 80 илјади посетители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.