Цената на електричната енергија на берзите долгорочно ќе се стабилизира од 80 до 120 евра за мегават час, но мислам дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра, можеби малку ќе се стабилизира во 2023 година и ќе падне до 120 или 130 евра, но повеќе нема да видиме цени под 80 евра по мегават час, порачува поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за МИА.

Интервјуто го пренесуваме во целост.

Како поранешен вицепремиер за економски прашања и трговец со електрична енергија, ваш коментар за цената на електричната енергија и за начинот на кој Владата се справува со енергетската и здравствената криза?

-Ако зборуваме за цената на електричната енергија многу е важно да кажеме прво од каде потекнува и што се случува – дали ова што се случува е во Македонија или е нешто пошироко. Ова што денеска го имаме сите го викаат како енергетска криза, а јас не го викам енергетска, туку финансиска криза, бидејќи енергетска криза би било доколку некој нема електрична енергија во Европа. Како што гледаме никој не се жали дека нема електрична енергија, сите имаат електрична енергија, што значи дека кризата не е дека нема енергија, туку кризата е дека енергијата е скапа. Е сега, како дојде до тоа енергијата да биде скапа се четири фактори коишто ја генерираат цената на електричната енергија.

Пред се, значи, најголем фактор е цената на природниот гас. Каде настана проблемот со цената на гасот. Во суштина кризава е европска и не е светска, а главните количини на гас во Европа доаѓаат од Русија, еден мал дел од Норвешка – значи Северното Море, некои мали производства имаат одредени држави и еден дел од Африка, од Алжир, но тоа е за јужниот дел, да речеме Шпанија итн. Но, доминантно гасот доаѓа од Русија. Гасот може да се купи на два начина. Едниот начин е да се купи по формула врзана со цената на нафтата, а вториот е да се купи на спот маркет. Европа реши да купува гас на спот маркет, но за жал, европската економија малку поспоро се движеше и закрепнуваше, а притоа паралелно на тоа се случи Кина и азиските земји драстично да го зголемат конзумот на гас од две причини. Прво, заради тоа што и Кина реши да ги затвора термоелектраните на јаглен и да преминува на производство на електрична енергија од гас, а и нивната економија побргу се опорави после КОВИД-кризата и ги зголеми количините на гас што ги троши директно во индустријата. На тој начин се случи еден добар дел од рускиот гас да отиде на тие пазари и кога побарувачката расте, а гасот е сепак со лимитирани количини на производство, се разбира цената расте. Тука има и геополитички проблеми околу Северниот тек 2 итн., меѓутоа, кратко речено, ако треба да симплифицираме значи големата потрошувачка на гас во Кина направи големи количини на гас да отидат спрема Кина и тоа ја зголеми цената на гасот во Европа и во европските земји таа достигна рекордни нивоа. И ако земете дека добар дел од електричната енергија се произведува на гас, во тој случај тоа ја генерира или ја бутка цената на електричната енергија нагоре.

Втора причина се зелените сертификати коишто пораснаа драстично и од некои 20-ина евра тие отидоа до 60, 70 евра. Тие директно влијаат во цената на електричната енергија, но тоа е политиката за премин или енергетска транзиција од загадувачки индустрии или загадувачки облици на производство на електрична енергија кон обновливи извори на електрична енергија. Со други зборови, тоа е цената на екологијата што ја плаќаме. Сите сакаме да имаме поздрава животна средина, но треба да бидеме свесни дека тоа чини. И таа цена денес еден дел тоа го генерира.

Трета компонента се намалените издашности на обновливите извори на енергија. Европа во голем дел се потпре на обновливи извори, еден најголем дел можеби на ветерните електрани во северните мориња, меѓутоа се погоди период да нема премногу ветер. Обновливите извори по сите карактеристики се еколошки добри, меѓутоа, од друга страна, пак, тие даваат електрична енергија само кога природата тоа го дава – фотоволтаиците кога има сонце, ветерните електрани кога има ветер, хидроелектраните кога има вода, а се погоди период сите тие извори да бидат намалени во споредба со некакви просеци од минатите години. Тоа е третиот фактор којшто ја генерираше цената на струјата, бидејќи имаше помала понуда од тие извори и нормално кога има помала понуда цената расте.

И четвртата компонента е компонентата на реалната инфлација. Во светот се испечатија многу пари. Тие пари направија зголемување на основните цени на ресурсите, бидејќи тоа е еден затворен круг. Да речеме, пораснаа металите 100 отсто. Сите резервни делови во хидро, термо електрани или какви било постројки се прават од метал, што значи дека и деловите поскапеа, нивната инвестиција поскапе, нивното одржување поскапе. Понатаму, инфлацијата направи да има покачување на платите. Тоа направи поскапување на работната рака и сето тоа направи една генерација на инфлација која што ние не можеме да кажеме дека не постои. Таа постои. Таа постои секаде во светот, а изворот на таа инфлација е точно кризата која што веќе ја живееме две години, а не знаеме ни до кога ќе заврши. Значи, инфлацијата е компонента која што влијае на цената на струјата, веројатно најмалку во моментот, но и таа влијае. И кога ќе земете збир од сите овие четири компоненти тоа е практично вкупното зголемување на цената на електричната енергија.

Е сега како ние се справуваме со тоа? Како и сите други земји коишто немаат доволно сопствено производство. Значи, најдобро се справуваат тие држави коишто имаат доволно сопствено производство, а сите тие држави коишто се доминантно увозно зависни за жал мора да ја плаќаат пазарната цена на електричната енергија и тоа нормално ја генерира цената на електричната енергија. Што може Владата да направи? Всушност тоа што го прави. Јас прво мислам дека треба проблемот или прашањето на енергетика да се извади од дневно-политичкото прашање или дневно-политичкото препукување, бидејќи во енергетика ништо не се прави за една, две, три години. За се треба да имате план за 10, 20 години.  Ние имаме, но за жал, малку се чита тој план. Тоа се вика Енергетска стратегија, донесена е 2018 година. Таму е се ова убаво напишано и треба тоа само да се чита и да се почитува. Мислам дека во таа насока треба да се оди. Но, кратко речено, значи што може Владата да направи? Може да извади пари од Буџет и да субвенционира. Впрочем тоа и го прави, така и тоа главно го прави во домаќинствата, а не во делот на стопанството. Веројатно во делот на стопанството и тешко може да го направи иако има мерки коишто може да се преземат, но домаќинствата максимално ги штити. Покачувањето на цената на електричната енергија од околу 10 проценти, во споредба со тоа какви се пазарните цени на електричната енергија е мало покачување, што значи дека Владата ќе издвои сериозни средства да ги субвенционира. Но, тоа не е решение на долг рок бидејќи не може нон стоп да субвенционира. Може, надежта е дека оваа криза ќе помине. Е точно тука јас не сум убеден дека оваа криза ќе помине и дека цените брзо ќе се вратат на старото ниво. Ако земеме предвид дека минатата година цените овој период од годината беа 50-60 евра по мегават час итн., јас мислам дека такви цени уште долг период нема да видиме. Зошто? Заради тоа што дури и да се реши проблемот со гасот и да се намали цената на гасот, останатите три компоненти коишто влијаат врз цената на електричната енергија и понатаму ќе останат.

Како човек којшто има искуство 20-ина години во оваа област, мое лично мислење е дека цените на долг рок ќе се стабилизираат меѓу 80 и 120 евра по мегават час. Еве денеска баш ја погледнав берзата, денеска е 261 евро. Имаше денови кога одеше и до 400 и до 500 евра. Мислам дека беше залажување тоа во текот на празниците дека се стабилизирала берзата. Не. Значи, се намали потрошувачката, бидејќи индустријата не работеше, а таа е главен консумент на енергија и затоа цените во текот на новогодишните празници паднаа, но ако ги гледате и претпоставките и берзите и тоа што дневно се тргува на берзите ќе видите дека цената се движи повторно помеѓу 200-250-260 евра по мегават час што е исклучително висока цена.

Дали ова ќе остане на долг рок, како што кажав, веќе не очекувам да остане на долг рок засекогаш ваква цената, меѓутоа колку ова ќе трае – па мислам дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра, можеби малку ќе се стабилизира во 2023 година, значи да падне некаде до кај 120-130 евра и полека тоа да се стабилизира, но мислам дека повеќе нема да видиме цени под 80 евра по мегават час.

Дали беше неопходно укинувањето на дневната евтина тарифа на струјата за граѓаните за да се амортизира поскапувањето на електричната енергија на регулираниот пазар?

-Пресметката на цената на електричната енергија е една формула во која влегуваат повеќе компоненти. Ако останеше евтината тарифа веројатно, а притоа Владата имала одреден волумен на пари или одредена сума на пари коишто планирала да ги потроши за субвенционирање, во тој случај тие 9,48 отсто покачување ќе беа повисоки. Значи на крајот на краиштата сето тоа се сведува на тоа колку дома ќе произведете енергија и по која цена ќе ја продадете, колку енергија ќе увезете. Цената е микс на тие компоненти. Ако го гледаме чистиот микс веројатно покачувањето требаше да биде 30-40-50 проценти. Е сега, од тоа реално покачување до покачување од 10 проценти е субвенција на државата која што ја дава во цената и тоа е равенка со неколку непознати во коишто ако евтината тарифа не ја укинете тогаш повеќе ќе ја покачите цената на струјата и обратно.

Невладините организации бараат Владата да ги укине субвенциите за малите хидроелектрани и порачуваат дека државата дава повеќе средства за субвенции отколку што тие произведуваат електрична енергија. Ваш коментар?

-Видете, мене ми е жал што оваа дискусија се води поприлично еднострано. Секогаш кога јас ќе влезам во дискусија да ја објаснувам таа тема влегувам во ризик дека некој ќе мисли дека ја штитам сопствената позиција, бидејќи јас имам еден дел од тие хидроелектрани, иако лично како сопственост имам некои 15-16 проценти од сите хидроелектрани во државата како сопственост.

Мислам дека е време да се кажат некои работи како што се. Мислам дека за тоа зборуваат луѓе што ретко или никогаш не виделе хидроелектрана. Мислам дека тоа стана малку популизам и модерно. И мислам дека тоа е, како да кажам, една дискусија која што влегува како дискусија на луѓе коишто не гледаат долгорочно на таа работа. Еве, воглавно две теми се тука. Значи, едната тема е дека тие влијаат штетно врз околината, а втората тема е дека се субвенционирани. Вие го поставивте прашањето околу субвенциите.

Ајде сега да разговараме за субвенциите. Испадна брзо сега еден ревизорски извештај со којшто јас не се согласувам и не ги земаа сите факти предвид и тоа е кога економисти ќе сакаат да дискутираат енергетика и не ги земале сите факти во предвид. Земале дека цената која што ја наплатиле хидроелектраните во државата е 80 евра, а притоа цената на берза била 41 или 44 евра. Е сега тука направиле проста математика колку произвеле хидроелектраните во овој период и разликата помеѓу тие две цени и дошле до некоја сума од 40 милиони евра дека хидроелектраните земале повеќе. Ај сега да размислиме дали е тоа така. На пример, не земале во предвид дека хидроелектраните уплатиле 17 милиони евра авансно во државата за да ги изградат хидроелектраните како еднократен надомест. Па ај сега извадете ги од тие 40 тие 17. Па после тоа, хидроелектраните секоја година плаќаат два отсто од производството, па извадете го тоа. Значи, тоа исто оди во државата. Па земете го во предвид дека ако се направат 200 хидроелектрани, а досега се направени околу 120, еве да зборуваме за 120, тие 120 хидроелектрани чинат не помалку од 200 милиони евра од кои 70 отсто е градежништво – македонски фирми граделе, 140 милиони евра од таа инвестиција останале во градежништвото на Македонија. Само даноци и ДДВ колку се платени спрема тоа во буџетот. А што ќе биде разликата, ако не ги направиме хидроелектраните во тој случај сета таа електрична енергија треба да ја увеземе, па дали е подобро да ја увеземе?

Е сега, тука доаѓаме до еден парадокс. Еве сега, денеска да ја гледаме ситуацијата. Викаме 80 евра е цената на електричната енергија од малите хидроелектрани што ја плаќа државата. Ама денеска гледаме дека ценава на берза е 260 евра, па само денеска ако земеме дека тие хидроелектрани во моментот произведуваат 50 мегавати, а толку произведуваат, јас го проверив тоа пред овој разговор и ако земеме дека за 24 часа произведуваат 50 мегавати и ако ја земеме разликата од 261 евро колку што е денеска кога струја би ја продале на пазар до 80 евра колку што им ја плаќа државата, тоа се 181 евро по мегават час разлика во цена или тоа на дневно ниво се 217 илјади евра. Тоа значи денеска малите хидроелектрани, за овие коишто зборуваме – спорни, тие денеска оставаат во државата 217 илјади евра и веројатно затоа веќе ги нема овие гласноговорници. Е сега, ако тоа го зборуваме на месечно ниво е 6,5 милиони евра, а ако зборуваме една година да трае оваа криза и хидроелектраните да ја оставаат таа струја во системот којашто денеска ја оставаат, тоа е 79 милиони евра. Па еве, се она што минатите 10 години го земале сега дупло оваа година ќе и го вратат на државата.

Впрочем, оваа математика никој не ја прави. Затоа енергетика се прави на долг рок. Еве, јас прашувам, ако не ги направиме хидроелектраните, ако не направиме фотоволтаци, ако не направиме ветерни електрани, па од што оваа држава ќе има струја? Се ќе увезуваме? Па јаглен веќе немаме! Лага е дека има јаглен за четири блока или не се копало. Не. Вистината е јагленот е на исцрпување. Значи, повеќе во оваа држава јаглен нема. Гас нема. Од што ќе правиме енергија? Па нас ни остануваат само обновливите извори, тоа го имаме како сопствена енергија – хидро, фотоволтаици, ветер и евентуално биогас – биомаса и друго нема. Друго не постои во светот, не е измислено. И ние мораме да ги гледаме долгорочно.

Еве сега прашувам, сите тие гласноговорници коишто еколошки беа против малите хидроелектрани дали на тие денеска не им смета да се гори мазут и да се увезува јаглен? Дали е тоа помалку загадувачки? Ги нема денеска, ќутат. А и тоа сега е добро. Значи, кога ќе ја снема струјава се е добро, така? Видете, да бидеме објективни. Секое едно нешто кога го градите без разлика дали е зграда во градот, хидроелектрана во планина, фотоволтаик, ветерна електрана, таа во текот на градбата има влијание на животната средина. Јас ги канам сите тие да дојдат после 10 години да видат како изгледа хидроелектраната. Само две парцели по 200 квадрати се над земја, се друго е под земја и зеленилото е вратено во планината. Да, тоа кога се градело се копал ров, се исекле некои дрвја, ама по 10 години е вратено, а хидроелектраните ќе произведуваат струја 100 години, не 10 години и затоа треба паметна држава, да биде свесна.

Впрочем, не треба ние да бидеме многу паметни. Не треба да ме слушате јас што зборувам. Ај да видиме што прави светот. Моментално во Европа работат 24 илјади мали хидроелектрани и тие никогаш не биле прашање никаде. Најголем дел од нив се во Германија. Од тие во моментот 21 отсто или 6.406 хидроелектрани се наоѓаат во заштитени подрачја. Значи, еколошки во национални паркови се наоѓаат. Од тие 3.936 се постоечки во национални паркови, а ние викаме во Македонија да не се прават во национални паркови. Ама ние викаме во Македонија никаде да не се прават. Тоа е голем проблем. Тоа е голема грешка. И после тоа, во моментот од тие, 2.396 се уште се планирани во заштитени подрачја, а 77 во Европа во моментов се градат во заштитени подрачја. Лага е дека тоа не се прави во заштитени подрачја. Ако се прави на соодветен начин, се прави во заштитени подрачја.

Еве да видиме што прави околинава. Тоа е многу битно. Бугарија во 2005 години имала 95 мали хидроелектрани, во 2007 година имала 127, а во 2020 има 200, што значи Бугарија во меѓувреме изградила 70-80 мали хидроелектрани и таму не е тоа тема воопшто. Грција во 2005 година имала 50 мали хидроелектрани, во 2007 – 61, во 2009 – 96, во 2020 – 175. Словенија,  ја сметаме за најеколошка земја и можеме да ја споредиме најмногу со нашата држава и по големина и по се и била дел од поранешна Југославија итн., на почетокот на истражувањето во 2005 година имала 201 мала хидроелектрана, во 2020 се 380. Значи, Словенија во меѓувреме направила уште 179 мали хидроелектрани. Да не зборувам во Франција дека во 2005 година имала 1.710 мали хидроелектрани, а во 2020 има 2.355 мали хидроелектрани. Австрија има 4-5 илјади итн. Што значи дека овие држави не знаат што прават, само ние знаеме што правиме?

Прашањето е друго. Ако ја видите картата, не постои веќе река во Северна Италија, во Австрија, во Германија, во Франција кај што не е изградена мала хидроелектрана, тоа е се изградено. Единствен потенцијал е уште дел од Босна, дел од Србија, Косово, Албанија и Македонија. И јас го поставувам прашањето – да не е за тоа борбата, за слободните концесии? Значи, треба малку да го поставиме пошироко прашањето. И за кого ја водиме таа борба ние тука? Мислам дека треба како држава да бидеме попаметни. Јас ви кажав доволно аргументи коишто многу јасно ја отсликуваат ситуацијата и од еколошки аспект. Дали е помалку еколошко да изградите фотоволтаик или ветерна електрана – па исто е сечете дрвја, исто, па особено ако со фотоволтаик земете земјоделско земјиште, па тоа трајно го земате. Мислам дека ние како општество премногу се водиме од дневната политика, премногу се водиме од кампањи коишто некој ќе ги финансира и лесно ги прифаќаме тие кампањи без да ја гледаме широката сликата и далекурочната стратегија. Еве, се надевам дека колку што можев пократко ви одговорив, колку што можев поконкретно на ова прашање.

Рековте дека полесно со енергетската криза се справуваат земјите што имаат сопствено производство на електрична енергија. Што треба нашава земја да направи за да го зголеми сопственото производство?

-Да направи сопствено производство од тоа што го има како извори. Видете, во светот енергија се прави од неколку извори. Можете да правите од нуклеарна енергија, тоа не можеме да го направиме, за жал, мислам премногу е и големо и комплицирано и бара меѓународни дозволи. Можете да го направите од термоелектрани на јаглен. Ние јаглен повеќе немаме, а и да имаме викаме загадува и не го сакаме. Можете да направите од гас, но еве кога го правите од гас цената расте драстично. Мазутот не би сакал да го дискутирам воопшто, зашто е најштетен од сите овие. Тоа се конвенционалните начини и оние што се обновливи извори – хидроенергија, ветер, вода, сонце и биомаса и биогас. Е сега, ние, за жал, претходниве конвенционалниве ги немаме веќе. Значи, немаме ни гас, ни нуклеарна, јаглен веќе немаме, мазут и да сакаме да правиме пак треба мазутот да го увеземе – не е битно дали увезувате струја или мазут – увезувате. Значи, ние имаме само она што ни го дала природата – фотоволтаици, хидроелектрани против коишто има кампања, понатаму ветерници колку што можеме. Меѓутоа, мораме да знаеме дека обновливите извори произведуваат поскапа енергија од конвенционалните извори, зборувам за јаглен и за нуклеарни и дека тоа си има своја цена. Ама сепак е подобро да имате сопствено производство отколку сто отсто да зависите како во моментов. И еве ви го кажав пак примерот со хидроелектраните.

Зголемувањето на цената на струјата кажавте дека најчесто доаѓа поради проблемите со рускиот гас. Дали најавите од германскиот косопственик на гасоводот Северен поток 2 дека ќе ги добие сите неопходни дозволи за работа на гасоводот од германските власти во првата половина од годинава значат дека е на повидок некаков си крај на енергетската криза или пониски цени на пазарот?

-Значи, да, значи тоа дека ако се пушти тој цевковод, односно нов гасовод веројатно ќе се зголемат количините коишто ќе доаѓаат кон овој пазар, а со тоа ќе се зголеми понудата, ќе падне малку цената, но имајте предвид дека нема да се стопира конзумот во Азија, Кина итн., дека тој ќе продолжи понатаму. Што значи, сега кога е пак зголемена побарувачката цените веројатно ќе се нормализираат, значи ќе се намалат од постојното ниво, но веројатно никогаш нема да се вратат на старите цени од не знам 200-300 долари по илјада нормални кубни метри гас. Затоа кажувам цената и на електричната енергија која што директно од тоа ќе зависи ќе се стабилизира, нема да остане олку висока ама нема никогаш да падне на нивото кое што го гледавме пред неколку години.

Сега малку да се навратиме на Вашите активности во моментов што ги правите. Од неодамна станавте почесен конзул на Малта. Што тоа значи и дали можете да помогнете за зголемување на економската соработка меѓу двете земји?

-Малта е една од најмалите држави во рамките на Европската Унија, а ние сакаме да бидеме членка на ЕУ. Пред се, сакам да кажам дека почесен конзул е почесна функција. Тоа е голема чест, како да кажам, да бидете почесен конзул на некоја држава и јас еве се заблагодарувам на претседателот на Малта, на Владата на Малта што ме поканија и ми го понудија тоа како можност. Јас треба на некој начин, да ги претставувам интересите на Малта во Македонија бидејќи Малта нема своја амбасада. Практично овој конзулат е нивно претставништво.

Една од улогите на конзулот е и да помогне да се развијат економските односи. За жал, ние имаме многу мало ниво на размена со Малта и мислам дека тука постои голем простор, пред се, да речеме, во делот на храната. Ние викаме дека произведуваме земјоделски производи, но, за жал, не сфаќаме дека нашите земјоделски производи по количина се мали за големи пазари. За Русија, Германија, Франција, немаме количини коишто можеме да ги испорачаме, додека Малта е 100 отсто увозно ориентирана за зеленчук, овошје итн., а по големина, пак, е соодветна на нашите производствени капацитети и тука гледам голем простор.

Понатаму, Малта е едно интересно општество кое што има висок БДП по жител, можеби пет пати повисок од нашиот, а притоа нема некои природни богатства. Значи, повеќе ја тераат на интелектуална работа, на услуги, на ИТ-технологии, на финансиски сервиси итн. Мислам дека во тој дел има исто така простор за зголемување на соработката. Јас како конзул ќе направам се што можам да го интензивирам тоа.

Како здравствената и енергетската криза се одрази врз работата на вашите компании и дали користевте некоја од шесте мерки што ги даваше Владата за поддршка на стопанството и на граѓаните?

-Кризата беше голем проблем за целокупната економија и нормално и за нашите компании. Јас сум сопственик на Фероинвест Групацијата која што е сопственик на „Брако“, а „Брако“ сопственик на „Грин машинс“. „Брако“ е фабрика во Велес која што вработува околу 700 вработени, извезува во 42 држави, а „Грин машинс“ е ќерка-фирма на „Брако“, а тоа е бренд за производство на возила за чистење т.н. свипери, чистачи метлачки за улици и е еден од најголемите брендови во светот. За среќа „Брако“ ја имаше можноста да го откупи брендот. „Брако“ произведува веќе 7-8 години. Претходно произведуваше за сопствениците на брендот, значи произведувавме компоненти, па после тоа земавме комплетното возило да го правиме, а од 2018 година и го откупивме брендот, така што тоа е сега македонски бренд, наш бренд, којшто почнавме да го развиваме. Во меѓувреме развивме уште две нови возила. Јавноста беше запознаена – хидрогенско, прво возило во светот за чистење на улици. Сега стигна последната нарачка од Франција пред два дена, инаку се возат веќе во Холандија. Понатаму, развивме ново електрично мало возило. Тоа го промовиравме пред Нова година, 400ZT и ги правиме старите возила коишто ги правеше „Грин машинс“ и развивме ново големо дизел возило 5,5 кубично. Тоа е нов дел во сегментот на „Грин машинс“, со тоа го проширивме 955 којшто сега веќе почнавме да го испорачуваме спрема Блискиот Исток.

„Брако“ се справи со кризата успешно. Кризата беше проблем, бараше многу повеќе работа. Но, морам да кажам беше и можност. Зошто беше можност? Беше можност заради тоа што многу голем дел од нашата конкуренција ги затвори пазарите, ги затвори производните програми. „Брако“ никогаш не затвори. Значи, и покрај тоа што пазарот генерално се намали, бидејќи доста производни капацитети ги затворија своите капацитети, „Брако“ го зголеми уделот во пазарот и порасна во 2021 година за 50 проценти во споредба со 2020 година, а во 2020 година не се намали. „Брако“ се намали 18 проценти само додека јас бев во Владата, во тој период. Тоа беше поголема катастрофа за „Брако“ отколку ковидот.

Да не должам многу, „Брако“ во 2021 се справи успешно. Вработи 150 нови вработени и го зголеми прометот за 50 проценти благодарение на агресивниот пристап, на инвестициите во нови технологии во новиот бренд, во правење развој на новите возила и за следната година имаме исто таков план да пораснеме уште 35 проценти. „Брако“ е во инвестицискиот циклус од 8,5 до 9 милиони, а заедно со другите инвестиции во мојата група – биогасна електрана и фотоволтаик во Кочани моменталната инвестиција во рамките на две години е 21 милион евра. Нормално, тоа не се само пари на компанијата, тоа во добар дел се банкарски пари коишто ги поддржуваат проектите и мислам дека и покрај тоа што е криза единствен начин да се справите со кризата е да бидете поорганизирани и побрзи од другите и храбро да инвестирате.

Македонија во индустријата нема друга шанса освен да има висока технологија, бидејќи други предности нема. „Брако“ има највисока технологија, најсовремени машини, CNC машини, роботи за заварување, плазма и ласери за сечење на материјали итн., и тоа не прави конкурентни да можеме да се носиме со конкуренцијата низ цел свет. На пример, нашите возила се продаваат, и Белата куќа ја чистат во Вашингтон, дворците на англиската кралица во Англија, Париз го чистат, Лондон го чистат.

„Брако“ за да може тоа да го постигне мораше да формира ќерки-фирми, па има ќерка-фирма 100 отсто во Холандија, ќерка-фирма во Германија, ќерка-фирма во Англија и ќерка-фирма во Америка, во Сан Диего во Калифорнија. Знаете, многу е полесно да сте вие фирма од Германија или од Италија и да продавате технологија. Тогаш самата земја и името на земјата продава. А кога сте од Македонија вие морате да бидете подобри и поевтини од цел свет за да продадете. За среќа тоа го успеваме. Успеваме заради тоа што во тие илјада вработени, колку што има во моите фирми, во целиот систем има над 150 инженери. Еден добар дел од тие инженери се во странство школувани, тие се вратени во Македонија. Само во такви фирми каде што има висока технологија вие можете да ги вратите од светот македонските инженери или деца коишто отишле таму да ги вратите во Македонија. Значи, ние имаме ученици коишто завршиле на МИТ, имаме ученици коишто завршиле постдипломски во Минхен, имаме во Виена итн. и тие се вратиле и денеска работат во „Брако“. Исто и најдобрите студенти од Машински факултет и од техничките факултети во Македонија се носечката снага на развојот на „Брако“ и само така може да се оди напред. Еве, така накратко би го кажал, да речеме, справувањето со кризата. Јас би рекол и би ги охрабрил сите стопанственици дека кризата е проблем, голем проблем, меѓутоа и голема шанса заради тоа што се отвораат нови пазари. Тука ќе додадам дека се отвори еден голем простор, бидејќи западноевропските компании почнаа да се повлекуваат полека од Кина и тука има голема можност да се земе дел од тој колач и само треба да се биде активен. „Брако“ во моментот извезува во 42 држави, 96 отсто од производството е наменето за извоз.

Што според Вас недостасува за да се поттикне извозот од државата и да се мотивираат компаниите да инвестираат во производствени капацитети со кои ќе ги задоволуваат стандардите за пласман на странските пазари?

-Ништо не треба да им се помогне на фирмите различно од тоа што се помага во целиот свет. Што се случува во целиот свет? Не треба на фирмите да им се даваат пари, сега да речеме, нема да ја плати сметката за струја – дај му пари за струја. Не, тоа не треба.

На фирмите треба да им се помогне со тоа што го прави Европска Унија во своите држави. Она прави ако инвестирате и ако купувате нова технологија ви дава субвенции за тоа што го инвестирате и го купувате. Во Европска Унија тие субвенции се до 50 проценти. На пример, ако изградите фабрика и купите нова технологија ви даваат до 50 проценти субвенција. Во Македонија не е тоа до 50 проценти за македонските фирми. Во ТИРЗ се нуди истото тоа за странските инвеститори и тоа е добро, не е спорно.

Законот за финансиска поддршка треба да се развива и негува така, да ги стимулира македонските компании дека државата ќе им помогне со одреден процент во купувањето на нова технологија, оти новата технологија значи поголема продуктивност. Поголемата продуктивност, пак, значи подобра конкурентност, а подобрата конкурентност значи потентност за извоз. Значи, извозот не произлегува од тоа дали вие сакате или не сакате, туку од тоа дали вие имате производ или немате производ. И сега ние треба да се запрашаме во Македонија, имаме ли производ за извоз. Каде ќе го направиме тој производ? Со кои технологии ќе го направиме? Значи, за да направите производ треба технологија да имате, а технологија треба да купите. И тоа треба да се стимулира. Треба да се стимулира купување на технологии. Тука во тој дел има сега Закон за финансиска поддршка на инвестициите, но тука треба да се развијат дополнителни механизми и мислам дека тоа е платформата која што и треба на индустријата. Сега зборувам исклучиво за индустријата.

За земјоделството е друго. Тоа е ИПАРД. За градежништвото треба да се третира колку што може повеќе македонските компании да се вклучуваат во инфраструктурните проекти во Македонија заради тоа што во спротивно ќе го изгубиме градежништвото во земјава. Значи, ќе пропаднат сите градежни фирми, ќе остане странски фирми само да градат и во тој случај еве тие ќе се повлечат кога ќе завршат проектите – кој ќе остане да гради во Македонија. Комплексно е прашањето, но мислам дека во кратки црти ви одговорив на најважните прашања и поенти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.