Министерката за финансии Нина Ангеловска остро ги демантира информациите дека подигнала штеден депозит од Еуростандард банка, по добиена информација дека банката ќе ја изгуби лиценцата за работење.

Како што реагираат од Министерството за финансии, сите промени на имотната состојба на министерката се уредно пријавени во анкетниот лист и ги охрабруваат новинарите-истражувачи да ги погледнат датумите на пријавените промени. Од Министерството потенцираат дека промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка.

Во повеќе наврати беа пласирани лажни вести во обид да го нарушат угледот и репутацијата на министерката за финансии. Очекуваме дека медиумите кои се информатор на граѓаните и кои носат одговорност во вакви ситуации кога пласирале непроверена и неточна информација ќе делуваат навремено и истата ќе ја повлечат, а воедно ги охрабруваме слободно да ги проверат информациите од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) – стои во реакцијата на Министерството за финансии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.