Во сите досегашни епизоди на криза, стабилниот курс на денарот претставува главен фактор на одржување на макроекономската стабилност. Нема компромис во однос на постојниот режим на курсот. Јавноста треба да има потполна доверба во нашата заложба и во нашиот капацитет успешно да продолжиме со постојната монетарна стратегија на стабилен курс на денарот.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во изјава за порталот „Фактор“. Притоа посочува дека и од страна на меѓународните финансиски институции, и од страна на централната банка, повеќе пати е нагласено дека оваа монетарната стратегија во целост одговара на структурните карактеристики на македонската економијата и со определбата за економска и монетарна интеграција во Европската Унија. „Немаме дилеми дека по ова прашање одамна е постигнат општествен консензус.“ – нагласува Ангеловска-Бежоска.

Во изјавата за „Фактор“, гувернерката накусо ги коментира и шпекулациите што беа пласирани во врска курсот на домашната валута. Притоа посочува дека појавата на шпекулации околу курсот на денарот не е никаква новина. Без исклучок, секогаш кога се соочуваме со некој шок, за жал тие се присутни.

„Со сигурност можеме да кажеме дека шпекулативните тврдења поврзани со курсот на денарот не се поткрепени со економски аргументи. Во услови кога адекватноста на девизните резерви се потврдува преку сите релевантни показатели, нерационално е да се зборува за промена на вредноста на курсот.“ – изјави Ангеловска-Бежоска.

Притоа истакнува дека гаранција за стабилноста на курсот не е само високото ниво на девизни резерви, туку и широкиот инструментариум на мерки кои централната банка ги има на располагање и ќе ги искористи во одбрана на курсот, доколку е тоа потребно.

„Од економски аспект, промена на вредноста на курсот не може да донесе бенефит за економијата во целина. Напротив. Таа може само да ги зголеми обврските за плаќање на оние чијшто долг е деноминиран во странска валута, да ја намали куповната моќ поради пораст на цените и да го поскапи увозот од којшто многу извозници се зависни.“ – порачува гувернерката.

„Интересно е што Народната банка во изминатите неколку години постојано откупуваше вишок девизи на девизниот пазар, со што ги зголемуваше девизните резерви на природен начин. Но, досега никој не шпекулирал за зголемување на вредноста на денарот, што покажува дека обидите за наметнување дебата за прашањето за курсот на домашната валута, за жал не секогаш се од економски карактер.“ – вели Ангеловска-Бежоска.

Во изјавата за „Фактор“, таа е децидна дека јавноста треба да биде спокојна – денарот останува стабилен.

Оцената дека монетарната стратегија на Народната банка за девизниот курс на денарот е соодветна за македонската економија, веќе години наназад, во рамки на своите согледби ја истакнува и ММФ. Неодамна, ваквата оцена беше посочена и од шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле. Тие истакнаа дека курсот на денарот е клучно сидро на макроекономските политики.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.