Позитивна перцепција за домашниот банкарски систем од страна на странските инвеститори, негова поголема интеграција во европскиот финансиски систем и подобри можности за финансирање на нашите институции на странските и домашните пазари на капитал. Ова се придобивките за нашиот финансиски систем и економијата, од одлуката на Европската комисија, со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на ЕУ, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во емисијата „Агенда 35“.

Одлуката на ЕК може позитивно да влијае врз потенцијалните инвеститори бидејќи зборува за кредибилитетот на институцијата и на самиот систем, за да инвестираат, како во финансискиот сектор, така и погенерално во нашата економија. Знаеме дека за мали економии, странските директни инвестиции се клучниот фактор за одржлив раст. Понатаму, ова би можело да значи дека пондерот на ризичност, којшто европските банки го применуваа за изложеност кон наши институции може да биде значајно понизок, односно тие практично можат да применат пондер нула. Тоа создава можност за поголема интеграција на нашиот банкарски систем во европскиот финансиски систем, но и можност за финансирање на нашите институции, како на домашниот пазар, така и на меѓународните пазари по поповолни услови – изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи и дека оваа одлука на ЕК ги отвара вратите и создава поголем простор за натамошно зајакнување на соработката на Народната банка со европските институции, а има и предности во спроведување на монетарната политика.

Инаку, со Одлуката на ЕК, Македонија се вклучува на листата од само 26 земји во светот, меѓу кои САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, чија банкарска регулатива и начинот на вршење на супервизија на банките е еквивалента на онаа којашто се спроведува во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.