Не се очекува пораст на стапката на инфлација. Очекувањата за движењата на цените на примарните производи до крајот на годината се коригирани надолу. Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за неделникот „Капитал“.

Притоа, таа нагласува дека во првите три месеци од оваа година, исто како и минатата, стапката на инфлација е релативно ниска и стабилна. Просечната стапка на инфлација, заклучно со март изнесува 0,6% и е под проекцијата.

„Пандемијата негативно се одрази врз глобалната побарувачка, што доведе до надолно прилагодување на цените на повеќето берзански производи. Овој пад е посебно изразен кај цените на нафтата на светските пазари, каде што дополнителен ефект имаше и неможноста за договор помеѓу најголемите производители на овој енергенс. Ваквите поместувања ќе имаат директен надолен ефект врз стапката на инфлација во македонската економија преку пониските домашни цени на горивата, што, впрочем е веќе видливо и преку мартовските податоци за инфлацијата. Пониските цени на енергентите, коишто се влезна компонента и кај другите производи и услуги, може дополнително да влијаат и на останатите цени.“ – истакнува Ангеловска-Бежоска.

Според гувернерката, покрај директниот ефект од пониските увозни цени, надолно влијание врз цените кај нас се очекува и преку каналот на домашната побарувачка. Дел од преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот, како што напоменува таа, влијаат во насока на одложување на потрошувачката на домаќинствата, што би можело да доведе и до надолно прилагодување на цените во македонската економија.

Во интервјуто, гувернерката посочува дека заради корона-кризата се очекува пад на економијата, но и нејзино закрепнување во текот на следната година.

„За разлика од 2008 година, кога кризата беше резултат на сериозно нарушување на макроекономските фундаменти во глобални размери, тековно се соочуваме со шок од неекономски карактер и како таков, тој не би требало да се одрази врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите, ниту пак да доведе до креирање подлабоки структурни проблеми.“ – нагласува Ангеловска-Бежоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.