Словачка е силен поддржувач на евроинтеграциските стратегиски цели на вашата земја. Оттука, предвидена е можност за воспоставување соработка во повеќе сегменти, меѓу другото и во доменот на централнобанкарското работење. Народната банка е силен партнер за остварување на овие предвидени активности, преку размена на искуства и стекнување нови знаења во соработката со централната банка на Словачка и ѝ подаваме рака за спроведување заеднички проекти и забрзување на соработката.

Ова, како што соопшти Народната банка, го истакна словачкиот амбасадор Хенрих Маркуш, на средбата со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, иницирана од негова страна, заради поддршка на Народната банка преку спроведување повеќе проекти.

На средбата, гувернерката изрази благодарност за искажаната поддршка и се осврна на воспоставените релации со централните банки од Европскиот систем на централни банки, меѓу другото и со Народната банка на Словачка, со коишто нашата централна банка неодамна успешно го заврши твининг-проектот „Jакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“.

Размената на искуства со европските колеги и стекнувањето нови знаења е постојана заложба на Народната банка, што е и значајна алатка преку којашто се гради капацитетот и се зајакнува независноста на институцијата. Со ова се овозможува подобро исполнување на нашите цели и задачи, обезбедувајќи значителен придонес за развојот на економијата во полза на сите граѓани и компании, истакна гувернерката.

Ангеловска-Бежоска посочи дека нашата централна банка во својот домен на работењето има интерес за воспоставување потесна билатерална соработка со Народната банка на Словачка, продолжувајќи ја иницијативата на нејзиниот гувернер, Петер Кажимир.

Словачкиот амбасадор Маркуш и гувернерката Ангеловска-Бежоска изразија цврста заложба за продлабочување на соработката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.