Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, смета дека надворешното опкружување за кое се предвидува постепено закрепнување и реализацијата на капиталните инвестиции во земјава се значајни фактори за закрепнување на македонската економија.

Ангеловска-Бежоска, во интервју за Телевизија 24 посочи дека за македонската економија, како мала и отворена, значајни се меѓународните економски движења, а клучен двигател на нашиот раст ќе биде извозот. Според гувернерката, од домашните фактори, значајна е реализацијата на капиталните инвестиции кои можат да бидат катализатор на многу позитивни промени во економијата.

Гувернерката уште еднаш повтори дека денарот останува стабилен во однос на еврото и дека монетарната стратегија за одржување на стабилноста на домашната валута во однос на еврото е најоптимална за домашната економија.

Сметаме дека поголема флексибилност во однос на курсот нема да вроди со резултат затоа што ќе има релативно брзи преносни ефекти врз цените и може да има неповолни преносни ефекти врз финансиската стабилност и оттаму цврсто стоиме на тој наш став – подвлече Ангеловска-Бежоска.

Според неа, засега ликвидноста што е вбризгана од страна на централната банка и Министерството за финансии во насока на поддршка на економијата, не прави притисок на девизниот пазар, но доколку има сигнали кои упатуваат на зголемени притисоци на девизниот пазар кои доаѓаат од зголемена денарска ликвидност, тогаш сигурно ќе бидат преземени мерки.

Како што оцени гувернерката, банкарскиот сектор е ликвиден и добро ја поминал кризата, а во однос на пропаѓањето на Еуростандард банка, таа изјави дека дозволата за работа била одземена откако биле исцрпени сите можности што централната банка ги имала на располагање.

За било кој гувернер или за централна банка нема потешка одлука од носење на одлука за затворање на банка. Таква одлука се носи откако ќе бидат вложени максимални напори и ќе бидат исцрпени сите можности за поповолно решение за банката особено имајќи ги во предвид интересите на депонентите. Таков беше и овој случај – истакна Ангеловска-Бежоска.

За кредитите што биле давани во банката, гувернерката изјави дека централната банка не одлучува за тие кредити и оти одлуките ги носеле кредитните одбори и надзорниот одбор на банката.

Деловните банки се приватни институции кои самите одлучуваат за секој поединечен кредит што се дава. Централните банки не даваат кредити, не одлучуваат, ниту пак тие кредити подлежат на согласност од страна на централните банки. Оваа банка беше под засилени контроли и се проверуваше степенот на кој што се изложува на ризик. Одлуките за кредит ги носеле кредитните одбори, а ако износот на кредитот е поголем одлуката ја носел надзорниот одбор. Оттука многу јасно е чија е одговорноста за одобрување и наплата на тие кредити – изјави Ангеловска-Бежоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.