Цената на струјата мора да се ограничи и компаниите да ја плаќаат до одредено ниво, а над одредено кое ќе го дефинира државата од своите фондови да му излезе во пресрет на стопанството, порача денеска Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Тој ги претстави предлозите на ССК за помош на стопанството поради енергетската криза и предупреди дека поради превисоките цени на струјата се заканува затворање на економијата и банкрот.

Во овој момент на македонската економија и се заканува енергетско цунами од кое постои опасност да ја уништи. Енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола, не постои услуга или производ кој може да поднесе цена на енергентите од 600 до 700 евра по мегават час, посочи Ангелоски.

ССК смета дека ЕЛЕМ мора да обезбеди дополнителни количини на енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. Исто така и да не се дискриминираат компаниите кои се наоѓаат на слободниот пазар во однос на оние на регулираниот.

ЕЛЕМ мора да го зголеми производството, во овој момент не сме убедени дека го има достигнати максимумот и да почне да продава струја на пазарот што позитивно ќе делува за намалување на цената, наведе Ангелоски.

Треба, посочи, да се овозможат побрзи процедури за поставување фотоволтаици, односно ЕВН да дава енергетска согаласност во рок од седум до десет дена, а останатата документација да се обезбедува во период од 120 дена.

Од ССК оценија дека енергетската криза ќе трае и побараа државата ако треба и да се задолжи за да помогне, а како што потенцираа, бизнисот тоа ќе го врати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.