Здружението „Гласен Текстилец”- Штип по соопштението на Владата за ограничените маржи на прехранбените продукти, упати апел да се спречат злоупотреби на грбот на граѓаните од страна на одредени трговци.

Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец” вели дека се свесни оти оваа криза особено ги погодува работниците, сиромашните, а со тоа и нивните семејства.

-Од почетокот на кризата, упатуваме апели за поголема грижа од страна на Владата за сопствените граѓани и постојани злоупотреби врз грбот на народот од одредени субјекти. И минатиот пат имаше соопштенија за замрзнување на цените на прехранбени продукти, но никој не водеше грижа за постојаните покачувања, иако граѓаните алармираа постојано на злоупотреби, вели Ампева.

Посочи дека потребно е Владата да даде конкретни насоки, како да не се прават злоупотреби од страна на трговците. Таа како пример ги посочи мерките во Хрватска.

-Почитуван министер и Влада, доколку навистина сакате да помогнете на сопствениот народ и најсиромашните, оние со најниски приходи во време на ваква криза, важно е да дадете јасни насоки и јасни мерки во склоп на ова соопштение. На пример во Хрватска, определени се највисоки цени за лебот, за млеко, за масло, за пилешко, за било какви артикли и максимална сума за истите. Исто, се даваат конкретни насоки од кога стапува на сила оваа мерка и се даваат броеви за пријавувања до пазарен инспекторат (дежурни броеви) на кои граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреба од страна на одредени трговци, рече Ампева.

Забелажа дека државата треба да мисли и на царинењето и ослободувањето и кон трговијата за да има фер конкуренција на пазарот и помош кон нив.

– Со вакви соопштенија, ниту се дава сигурност, ниту помош и поддршка кон сопствените граѓани, а ниту кон домашните проиводители, додаде Ампева.

Додава дека периодот кој следи ќе биде далеку покритичен, а како Здружение бараат од Владата и министерствата, но и од институциите да донесат навремени и јасни мерки во корист на граѓаните за да можат да ја поминат со помали штети оваа криза.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.