Американската компанија „TEXAN & Envipco“ ќе отвори фабрика за рециклирање на пластика во Македонија. Оваа одлука му била соопштена денеска во Атина на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на средбата што ја имале со претседателот на грчко-американската комора „АмЧам“, Николаос Бакацелос. Компанијата веќе 10 години работи во Грција со современа технологија за рециклирање.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, истакнал дека земјата посветено работи на унапредување на економската регионална соработка, за што говорат и податоците за солидната трговска размена со земјите од регионот и заедничките проекти во полето на енергетиката. Заев и Битиќи ги поканиле компаниите да ја посетат Македонија и да ги искористат можностите за инвестирање и за заеднички вложувања со националните компании.

На состанокот се разговарало и за придобивките од влезот на Македонија во НАТО, а премиерот Заев, презентирајќи ги можностите за инвестиции, нагласил дека позитивните исчекори што Македонија ги направила за придвижување на интеграциските процеси на земјата, се уште еден силен импулс за отворање на економските перспективи.

Претседателот на грчката АмЧам, Бакацелос искажал благодарност што Македонија е отворена за инвестиции и водење бизнис.

На средбата биле истакнати позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите како резултат на позитивните движења во економијата, раст на извоз, индустриско производство, внатрешниот промет и раст на просечната плата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.