Сметководителите реагираат дека треба да прават пресметки на плати, како и да доставуваат други податоци неопходни за исплата на финансиската помош за исплата на плати, што е најавена со четвртиот пакет на економски мерки, а Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза, како и ребалансот, сѐ уште не се на дневен ред за гласање во Собранието.

Пријавата за добивање на финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбеди потребната документација. Од Комората на сметководители, при Сојузот на стопански комори реагираат дека поради кусите рокови некои претпријатија нема да можат да аплицираат за парична помош од државата.

Причината за ова, според нив лежи во слабата координација меѓу државните институции.

Уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи каде што се обработуваат и се систематизираат податоците за деловните субјекти, врз чија основа потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Исто така, критериумите и условите важно е да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не оставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Андреева додаде дека во Законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието, би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош треба да се исплати бруто или нето-плата. Ако остане недефинирано, како што беше со Уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават различни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти.

Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители, истакна дека иако сметководителите очекуваа подобрување на нивниот статус и решавање на проблемите да се постигне со измени на Законот за вршење на сметководствени работи, законските измени повторно се носат во процес што е нетранспарентен и неинклузивен.

Ова е исклучителна година. И ние сме луѓе, ние не сме од камен направени. Навистина е несолидарно од нас да се бара да се понесе целиот товар, објасни Благоја Грозданов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.