Врз основа на следење на состојбата на осигурителниот пазар во земјата, посебно во делот на рекламирање  и продажба на осигурителни производи, Агенцијата за супервизија на осигурување во последно време детектира случаи на нудење, рекламирање и склучување на полиси за осигурување издадени од странски друштва за осигурување (особено од Република Бугарија) кои немаат дозвола за вршење работи на осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурување напоменува дека вршењето работи на осигурување, работи на застапување во осигурување односно осигурително брокерски работи без дозвола од Агенцијата претставува кривично дело за кое согласно Законот за супервизија на осигурување е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.

Агенцијата за супервизија на осигурување ги предупредува сите субјекти кои  вршат работи на осигурување, работи на застапување во осигурување односно осигурително брокерски работи без дозвола од страна на Агенцијата, дека во случај на идентификување на овие субјекти, против истите ќе бидат преземени сите со закон пропишани мерки и санкции.

Истовремено, Агенцијата ги информира правните лица и физичките лица кои вршат дејност како и граѓаните во Република Северна Македонија дека согласно Законот за супервизија на осигурување, може да се осигуруваат исклучиво во друштва за осигурување кои имаат дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Поради сето горенаведено, Агенцијата апелира граѓаните да внимаваат од кои друштва за осигурување купуваат полиси за осигурување, а особено поради фактот што постои можност, доколку полисите ги купат од странски друштва за осигурување кои немаат дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување, во иднина, да не можат да ги остварат своите права од склучените договори за осигурување, за кои уредно од нивна страна е платена премија за осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурување ги информира граѓаните дека на веб страницата на Агенцијата (www.aso.mk) може да се инфoрмираат за сите субјекти кои се овластени да вршат работи на осигурување, работи на застапување во осигурување односно осигурително брокерски работи на територијата на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.