До Државната изборна комисија со 11 часот нема поднесени приговори од политичките партии и коалиции кои учествуваа на изборите во средата иако роковите започнаа да течат синоќа кога беа објавени неофицијалните конечни резултати.

До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање додека до сабота навечер околу 19:30 часот истекува рокот за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.

ДИК со задоцнување вчера ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот, хакерски напад на веб-страната на Комисијата.

Предвремените парламентарни избори се одржаа под посебни услови поради пандемијата со КОВИД -19. Се гласаше во понеделникот кога се изјаснуваа лицата со КОВИД -19 и во самоизолација, во вторникот кога гласаа болните, изнемоштените и хронично болните и затворениците и во средата кога беше изборниот ден.

Победи коалицијата „Можеме“ предводена од лидерот Зоран Заев кој освои 46 мандати на изборите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 44, ДУИ освои 15 мандати, Алијансата на Албанците и Алтернатива 10, Левица 2 и ДПА 1 мандат.

Дел од партиите учесници на изборите се пожалија на нерегуларности и грешки во сумирањето на резултатите и најавија дека ќе поднесат приговори до ДИК и другите надлежни институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.