Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, денеска, присуствуваше на настанот со кој се одбележаа 10 години од именувањето на Градска општа болница „8 Септември“ по националниот празник, Денот на независноста.

ГОБ „8 Септември“ има посебно место во нашиот здравствен систем, со оглед на тоа што е најголема болничка установа за обезбедување здравствени услуги. Тука работат врвни експерти од многу области: интерна медицина, хирургија, ортопедија, многу пациенти се лекуваат тука и за слична комплексност на проблематиката, исто како што се лекуваат и на клиниките. Оваа институција соработува со сите здравствени установи во државата, приватни и јавни, на примарно ниво и сите други болници, со Фондот за здравствено осигурување, Институтот за трансфузиологија, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје во Скопје, на тој начин олеснувајќи го пристапот до здравствени услуги, и секако давајќи соодветен квалитет. Оваа болница врвно одговори на кризата со сообраќајната несреќа во Ласкарци, кога за многу кратко време се престрои севкупниот персонал, пред се од хируршките области, практично сите пациенти беа донесени во оваа болница, а многу малку во останатите болнички установи за лекување во Скопје, потенцираше министерот Филипче.

Во март, годинава, болницата презеде голема улога и голема одговорност, стана КОВИД Центар. Тука беа сместени најтешките пациенти, исто како на Инфективната клиника. Болницата докажа дека има инфраструктурен капацитет, но пред се човечки, лекари и експерти од многу области, кои пожртвувано 24 часа на ден многупати со чести дежурства во текот на неделата работеа со најтешките пациенти.

После разговори со претставници од болницата, директорот д-р Костов, претставници од Синдиктот ние работиме и сме при крај на измена на посебниот колективен договор, којшто оваа установа го има, со кој ќе се зголемат процентите за дежурства на сите вработени во оваа болница. Сакам да им порачам да бидат горди на својата работа, да се горди на иституцијата во којашто работат, а секогаш ќе ја имаат поддршката од Министерството за здравство и Владата“, изјави министерот Филипче.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Христијан Костов информираше дека по назначувањето на установата како Ковид центар имале отворена соработка и консултации со врвни специјалисти ширум Европа и светот преку бројни онлајн работилници.

Успеавме да излекуваме голем број на пациенти кои беа на асистирана механичка инванзивна вентилација. Будно ги следевме сите промени во протоколите за лекување на ковид-19 и се стремевме веднаш да ги спроведеме. Први во државата воведовме и нови третмани како што се озон-терапија, која даде солидни резултати во лекувањето пациенти заболени од Ковид-19“, рече д-р Костов.

Во периодот од почетокот на епидемијата со коронавирусот, во болницата се извршени 10.765 амбулантски прегледи, 1.768 пациенти се примени на болничко лекување со симптоматологија на Ковид-19.

Остануваме посветени и силно подготвени во борбата со вирусот, како и со сите останати болести и состојби кои го нарушуваат човечкото здравје. На сите вработени во болницата им го честитам патронатот, а воедно на сите граѓани им го честитам 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Од декември 2019 година, во ГОБ „8 Септември“, функционира новата лабораторија за микробиологија, во која се вршат сите потребни бактериолошки и вирусолошки испитувања. Лабораторијата е сместена во просториите на претходната галенска лабораторија, просториите се реновирани и функционално опремени со нова опрема. Со ова, се овозможи соодветно функционирање на оваа микробиолошка лабораторија. Финализирана е инсталацијата на новиот линеарен акцелератор, како врвна технологија за третман на малигните заболувања и во најкоро време ќе биде пуштен во употреба. Во план оваа година е да се отвори и оддел за инвазивна радиологија, во рамки на радиологијата, посочи директорот Костов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.