Утре, среда, на 16 јуни, со почеток во 20.00 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првиот македонски игран филм: ФРОСИНА на режисерот Војислав Нановиќ, од 1952 година.

Проекцијата на ФРОСИНА истовремено ќе биде пренесувана во живо („live streaming“), и ќе може да се следи на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (www.kinoteka.mk).

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија, како и за самиот процес на дигитална реставрација.

ФРОСИНА ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Влезот на проекцијата во среда, на 16 јуни ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од „ковид-19“ остануваат на сила.

Филмот  ја раскажува трагичната судбина на Фросина, вдовица и мајка на многу деца, од кои само Климе преживеал. Нејзиниот сопруг гурбетџија, пред да загине, речиси постојано бил отсутен од нејзиниот живот, а таа сама ги раѓала, а набргу потоа и ги погребувала своите деца. Сега Климе, нејзината последна надеж, здраво и пргаво момче, живеачката ја заработува помагајќи им на постарите и поискусни рибари. Вљубен е во Љуба, девојка која сонува за живот на висока нога, нешто што сиромашниот Климе не може да ѝ приушти. Кога Климе ќе го сретне ранетиот Кирил ќе реши да замине во партизани, да се бори за слобода. Година дена подоцна, кога во гратчето започнуваат улични борби помеѓу окупаторот и партизанскиот одред, синот ќе сака да ја искористи можноста да дојде во својот дом, да ја посети мајка си Фросина. Таа е свесна дека ова можеби е нивната последна средба…

ФРОСИНА е прва целовечерна играна продукција целосно на македонски јазик, со македонска актерска  и филмска екипа, со исклучот на режисерот Нановиќ, и прв игран филм снимен во продукција на „Вардар филм – Скопје“, продуцентска куќа основана во 1947 година.

Минатиот петок Кинотеката ја претстави и дигитално реставрираната копија на првата македонски комедија – играниот МИРНО ЛЕТО на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1961 година. Интерестно е што речиси истата актерска екипа, барем во водечките улоги, настапува и во двата филма: Мери Бошкова, Петре Прличко, Ацо Јовановски, Љупка Џундева, Илија ЏувалековскиСтојна Цекова… Во првиот македонски игран филм, снимен после Втората светска војна во поинакви идејно-политички и општествен услови, не само ликот на старта Фросина кој тогаш го толкуваше 27-годишната Бошкова, туку и останатите ликови имаат стабилна морална нишка, длабокоумност, свесност за сопствените постапки и нивното влијание на сите околу себе. Свесност за нивната улога во борбата за слобода, за добробитта на заедницата.  Истите тие актери, во сосем поинаква, безбедна и релаксирана, ослободена од егзистенцијални грижи атмосфера како онаа на охридското крајбрежје имавме можност да ги видиме и во МИРНО ЛЕТО. При таа нивна, интересна за споредба трансформација, со сосем изменети физиономии и духовни аспирации, Бошкова од трагичен лик во Фросина се претвори во суетна, желна за забава и романса актерка (Дара) во МИРНО ЛЕТО. Илија Џувалековски – од борец за слобода, партизан и инспирација на младиот Климе, во комедијата го гледаме како Рампо, прониклив, скржав и снаодлив додворувач на Мира. Џундева пак, обратно. Во ФРОСИНА е девојка со големи сониша, а во МИРНО ЛЕТО, со ликот Мира, сè што посакува е малку мир, спокој и приватност.

Во ФРОСИНА, чие сценарио е на познатиот македонски писател Владо Малески, во останатите улоги ќе ги видиме уште и Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Борис Бегинов, Тома Видов, Киро Винокиќ и Кирил Ќортошев и други. Снимател е Киро Билбиловски, а автор на музиката Тома Прошев. Ентериерите се снимени во прилагоден едриличарски хангар на Зајчев рид во Скопје,  а екстериерите во Охрид и околината.

Во мај 1989 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „ФРОСИНА – првиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика ФРОСИНА и МИРНО ЛЕТО. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – Association des cinémathèques européennes) – и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.

Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион –  Белград, Загреб, Атина, Тирана, Софија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.