Утрово, во 7:30 часот, во близина на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, треба да биде отворено уште едно приемно одделение за правење ковид тестови со што ќе се забрза процедурата на земање брисеви и ќе се намалат гужвите, како и редовите на чекање. Во текот на денот, пак, ќе се знае дали ќе поминат законските измени кои предвидуваат носење маски на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22:00 часот (паркови, јавни површини), како и ограничување на бројот на гости во домовите на максимум четворица.

Како што најавија министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, се планира и отворање пункт за корона-тестирање во Ѓорче Петров, а до крајот на неделава ќе се знае и дали ќе може да се прават КОВИД тестови во приватните лаборатории, на сметка на Фондот за здаравствено осигурување.

Последниот, вчерашен корона-биланс е 247 нови случаи, 321 оздравен пациент и 15 починати. Здравствениот систем, иако оптоварен во сите сегменти, има капацитет да се справува со ситуацијата, но мора и граѓаните да помогнат со своето однесување – да бидат совесни и максимално одговорни прво кон своето, а потоа и кон здравјето на останатите, апелираа Филипче и Караџовски.

Токму измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести кои денеска се пред пратениците, се во насока на спречување на ширењето на коронавирусот без воведување ригорозни мерки како што е полициски час.

Против полициски час е и министерот Филипче.

Законот за заштита на населението од заразни болести е во собраниска процедура и верувам дека сите пратеници, свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓаме, брзо ќе го изгласаат. Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет и некоја друга форма на мерки не треба да се имплеметираат, ниту да се препорачуваат. Верувам дека законот ќе се донесе за да избегнеме полициски час. И тоа се мерки кои практично имитираат полициски час. По 23 часот ништо нема да работи и граѓаните нема каде да одат, рече Филипче.

Целта е, напомена, да се избегне групирањето и да се носат маски.

Сметам дека во овој период полициски час не е решение. Доволно е да се почитуваат мерките за заштита и оние мерки кои ќе бидат изгласани во Парламентот. Генерално препораката е да се избегнува воведување полициски час. И на состанокот кој го имавме преку Берлинскиот процес со сите земји во регионот, беше порачано да нема такво ограничување. А пакет мерки кои можат да имитираат полициски час се речиси секаде во сила, нагласи Филипче.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии Алијанса и Алтернатива и Левица, вчера поднесоа Предлог-закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка со кој бараат формирање посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да придонесе за ставање под контрола на ковид-ситуацијата.

Над 85 проценти од досега починатите од ковид-19 биле со коморбидитети. Во просек, 80 отсто од сите регистрирани корона-случаи се асимптоматски или со многу лесна клиничка слика. Околу 12 до 14 проценти имаат лесно изразени симптоми, а два до четири отсто завршуваат на Клиника најчесто со воспалителен процес на белите дробови или некој друг коморбидитет што ја усложнува здравствената состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.