Кафулето во скопски Капиштец „Интермецо“ вчера продолжи со работи, иако му беше изречена 30-дневна забрана за работа. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека е направено кривично дело и најави, по добивање на записниците, дека ќе поднесе кривична пријава до надлежните органи.

По извршените контроли на кафе барот ‘Интермецо’, вчеравечер истиот продолжил со работа и покрај изреченото решение и забраната за работа од 30 дена. Пломбата поставена на влезот на локалот е отстранета што согласно членот 389 од кривичниот законик, претставува кривично дело казниво со парична казна или со затвор до три години. По добивање на записниците, Општина Центар до надлежните органи ќе поднесе кривична пријава за симнување на службен печат, напиша Богдановиќ на Фејсбук.

Општина Центар вчера го затвори кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец на 30 дена поради гласна музика. По пријава и континуирани поплаки од страна на жителите на општина Центар, било констатирано дека локалот и правниот субјект „Интермецо“ ги надминал пропишаните гранични вредности на бучава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.