Директорите на НЛБ банка, Ѓорѓи Јанчевски и Љубе Рајевски, ексминистерот за животна средина Томе Тромбев и поранешниот градоначаник на Битола, Владимир Талески, како и уште четири лица, се спасија од кривичен прогон, односно нема да одговараат за случајот „Банки“.

Обвинителството за организиран криминал денеска ја информираа јавноста дека ја запреле истрагата за случајот, а за кој во 2017 година добиле кривична пријава од МВР. Овој случај најпрвин беше во рацете на обвинителката Лидија Раичевиќ, а потоа премина во рацете на Ивана Трајчева.

-Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по спроведена сеопсежна истрага, донесе Наредба за запирање на истражната постапка против осум македонски државјани. Лицата беа осомничени дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со 3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, а четворица од нив беа осомничени и за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 од Кривичниот законик.

Воедно, надлежниот обвинител врз основа на член 288 ст.1 од Законот за кривична постапка донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против две правни лица осомничени за Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.12 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, информираа од Обвинителството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.