Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 53-годишен возач кој со својот „мини купер“ направил прекршок поради кој загина 14-годишен малолетник на мотоцикл во Козле. Тој се товари за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Осомничениот 53-годишник, на 5 декември, со возило „Мини купер“, навлегол на крстосницата меѓу улиците „Пијанец“ и „Козле“, без да го пропушти возилото кое веќе се движело по улицата „Козле“ и кое имало првенство на минување. На тој начин тој го попречил движењето на мотоцикл „Хонда“, управуван од дете на возраст од 14 години.

Мотоциклот удрил во страничниот дел од автомобилот, оштетениот се превртел и паднал на коловозот, па се излизгал на лентата наменета за сообраќај на возила во спротивна насока, каде удрил во автомобил „Цитроен Ц3“. Во несреќата, оштетениот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди и веднаш починал“, опишува Обвинителството.

Кривичниот суд определи мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и привремено одземање на возачката дозвола односно забрана за нејзино издавање.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.