Без метежот и тензиите од вчера, во полупразната сала во Врховниот суд во Скопје продолжи јавната седница за жалбите на обвинетите, како и на обвинителството на првостепената пресуда. Откако вчера апелациските судии образложија дел од првостепената пресуда, денес почна образложувањето на жалбите од страна на адвокатите. Носењето оружје, облекувањето на униформа на УЧК, престојувањето во куќите во кумановското Диво Насеље, за одбраната на обвинетите не е тероризам.

На денешната јавна седница на која присутни се само тројца обвинети, адвокатот Еленко Миланов посочи дека преземените дејствија кон припадници на полицијата, па дури и кога се користело оружје, не е тероризам, пишува МКД.мк

Во Диво Насеље полицијата отиде да врши претрес, а таму лицата пружија отпор. Ова не може да биде акт на институции. Преземените дејствија кон припадниците на полицијата, па дури и кога се користи оружје, не може да биде тероризам. Имало многу напади на полицајци, но ниту една квалификација на кривичното дело не била тероризам. И нападот во Полициската станица во Гошинце не е напад, туку е упад“, рече на јавната седница адвокатот Миланов.

Бранителот ги убедуваше и апелациските судии дека судијката Верка Петковска која им ја изрече првостепената пресуда направила преседан со тоа што на лица осудени на доживотен затвор им изрекла и казна протерување на странец од државата.

 

 

За одмерувањето на казната првостепените судии се повикуваат на правилник, но во овој момент овој правилник за одмерувањето на казните не е веќе во сила. Како може да се изрече како казна на едно лице и доживотен затвор и протерување од државата? Кога и на кого ќе го спроведеме протерувањето? Дали на мртво тело?“, праша адвокатот Миланов.

За адвокатот Миланов облечената униформа на УЧК и носењето на оружје на лицата кои беа во Диво Насеље не морало да значи дека тие таму заминале со умисла да го направат тоа што се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Одбраната тврди дека овие лица биле нападнати од полицијата, па потоа употребиле оружје.

За обвинетиот Ваљдет Зекај кој на вчерашното рочиште забрануваше да се преведува и кој посочи дека „ова е Албанија“ адвокатот Миланов кажа дека неговиот штитеник е спремен да одговара пред судот, но не за тероризам, туку за тоа што им се спротивставил на полицајците. Одбраната го оспоруваше и доказот на обвинителството со кој се тврди дека кај обвинетите има присуство на нитратни честички, но не во толку голем број.

Адвокатот Миланов зборуваше конкретно за обвинетиот Беким Кабаши за кого, како што тврди, немало ниту еден доказ дека тој го употребил оружјето во настаните во Куманово. Доказ дека имало оружје и го употребил, според овој адвокат, нема ниту за обвинетиот Руфки Догани. За него бранителот тврди дека во една од куќите каде биле сместени обвинетите во „Диво Насеље“ тој бил задолжен да подготвува јадење и да вари кафе и затоа имало негова ДНК на пушката која се наоѓала во еден од тоалетите.

На една од пушките најдена во тоалет во куќа има траги од лицето Руфки Догани. Тој во оваа куќа подготвувал јадење и кафе, а обвинителството со ниту еден доказ или податок не докажа дека тој употребил пушка. Ако на оружјето има епител од Руфки тоа може да значи дека тој само ја поместил пушката“, тврдеше пред апелациските судии адвокатот Миланов.

Адвокатката Артене Исеини, која во оваа постапка застапува неколкумина обвинети од второстепениот суд побара одговор на неколку прашања, односно конкретно кога во 2015 била формирана терористичката група, кој ја чувал границата кога обвинетите нелегално минувале, конкретно кои обвинети биле во Македонија, а кои во Косово, кои се објектите каде што се криеле и кои објекти требало да бидат нападнати. Адвокатката Исеини му порача на обвинителството дека за вакво обвинение за кривично дело со оваа тежина мора повеќе да се потруди околу деталите, бидејќи за вакво нешто треба докази, а не претпоставки.

На судиите од петчлениот совет таа им порача дека ќе мора да ги стави на ниво на нејзините штитеници, односно обвинетите, и да ги натера да размислат како е да бидат повикани на одговорност, а дури подоцна да им биде кажано дека некој претрпел штета. Според адвокатката Исеини, освен Бегризај и Мирсад Ндрецај за кои како што рече, не е сигурна, за останатите учесници во терористичкиот напад кои беа најдени мртви на местото, рече дека е убедена оти се убиени при престрелка.

Сите знаат дека имало престрелка, само судот не ја кажува вистината. Само за судот тоа што се случи во Диво Насеље е едностран напад, а не престрелка“, рече на јавната седница адвокатката Исеини.

Во Врховниот суд втор ден во тек е јавна седница за првостепената пресуда на која обвинетите се жалат на високите казни, меѓу кои дел и доживотни, а Вишото јавно обвинителство се жали на четирите ослободителни пресуди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.