Љубомир Митев (80) од Којково, познат на јавноста како Дедо Љубе, денеска бараше правда во Апелациониот суд во Скопје, каде се одржа седница по жалбата поднесена од Основното јавно обвинителство Куманово на пресудата на Основниот суд во Куманово, со која го ослободи од вина старецот, кој за да ги заштити својот и животот на сопругата Царка пукаше во двајца натрапници во неговиот дом и уби еден од нив, пишува 24инфо.мк.

Ослободителната пресуда беше донесена во ноември лани, кога Митев беше ослободен од обвинението за убиство во миг, а доби условна затворска казна од две години за недозволено држење на оружје, но на двете одлуки се жалеше обвинителството.

Но, иако вложија жалба, претставници на кумановското обвинителство денеска не се појавија на седницата во Апелација, каде Митев со својот адвокат Христијан Георгиевски дадоа исказ и образложија зошто жалбата треба да биде одбиена и дедо Љубе конечно да биде ослободен.

Денеска пак ја поминувавме целата правна агонија која трае седум години. Ние како Адвокатска канцеларија Георгиевски цело ова време се обидуваме да докажеме дека дедо Љубе воопшто не е виновен и дека ова малтретирање по судници зема свој данок. Дедо Љубе денеска има 80 години и еве го денеска во судот. Седум години се обидува да ја докаже неговата невиност. Сметам дека Апелацискиот суд ќе ја истера правдата до крај и ќе пресуди ослободување на дедо Љубе и ќе ја потврди првостепената казна за оружјето, изјави за 24 Инфо, адвокатот Георгиевски.

Митев накусо рече дека е среќен што останал жив, но и дека можел по толку години малтретирање по судови да бара оштета што по нападот практично останал со една употреблива рака, но тоа не го сторил.

Седум години трае неговата битка да докаже дека не е виновен што кобната ноќ на 27 феврури 2013 година во неговата трошна куќа провалиле Зоран Златков и Борчо Иванов, кои во намера да ги ограбат со часови се изживувале врз двајцата старци.

Пред почетокот на судењето во април 2015 година јавноста бараше дедо Љубе да се ослободи сметајќи дека тој во самоодбрана го убил Златков и го ранил Иванов, кој по разбојништвото беше осуден на осум години затвор. Старецот беше овинет за три кривични дела-убиство, обид за убиство и за недозволено држење на оружје, но одбраната на дедо Љубе укажа на одредени пропусти во обвинението и Судот предметот го врати во истражна постапка. Сепак, и по повторната постапка Митев беше обвинет за убиство во миг, обид за убиство и недозволено држење на оружје, па новиот судски процес почна во јануари 2018 година. Во јуни лани ОЈО Куманово го повлече обвинението за кривичното дело убиство во миг.

Според пресудата на судот, дедо Љубе е ослободен од обвинението за убиство во миг, а доби условна затворска казна од две години, која ќе се активира ако дедо Љубе во наредните четири години изврши било како кривично дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.