Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи сослушувањето на сведокот Зоран Верушевски во случајот „Таргет-Тврдина“.

Верушевски одговара вкрстено на прашања на обвинителството застапувано од обвинителите Ленче Ристоска и Артан Ајро и на одбраната.

За разлика од претходното сведочење дадено на 23 септември поранешниот разузнавач Зоран Верушевски зборува воопштено и не одговори директно дали била изнесувана документација од СДСМ.

Тој нагласи дека сведокот не е во улога на истражител и оти суштината на документите е дека се создавани од тој што имал најголем бенефит да ја задржи власта и оти е пропуст што тројца обвинети се надвор од државата.

На прашањето од каде знае дека материјалите што биле предадени во СЈО биле во дигитална форма тој рече дека лидерот на тогашната опозиција го направил на транспарентен начин.

На прашањето во каква форма биле документите што тој ги анализирал тој одговори:

Документацијата беше во дигитална форма онака како што била предадена во СЈО, рече Верушевски.

На прашање од обвинителката Ристоска од кого ги добил информациите за прислушуваните материјали, од кои лица и во кој опсег, Верушевски рече дека при крајот на 2010 год во СДСМ веќе постоеле сознанија и документи кои укажуват на ограничен демократски капацитет на власта и на контрола на комуникацијата на опозицијата.

Се потврдија сомневањата за повреда на говорот и слободата, рече Верушевски.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е Ленче Ристеска.

На претходното рочиште одржано на 23 септември Верушевски рече дека документите за прислушувањето завршувале кај Заев и тој управувал со нив.

Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода – сведочеше Верушевски.

По исказот на Верушевски, премиерот Зоран Заев од Њујорк порача дека неговиот советник за безбедност и поранешен разузнавач Верушевски не кажал ништо спротивно од фактичката состојба. Заев најави дека второто рочиште ќе ги каже вистините за ова прашање, што отвори сомнеж дека Заев ќе се обиде да влијае врз Верушевски до 10 октомври.

Да оставиме вториот дел, на 10 октомври, кога е продолжението на испрашувањето на господинот Верушевски во својство на сведок, да биде сè јасно за граѓаните и за државата – изјави Заев од Њујорк.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Биле прислушувани над 20 илјади граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.