Порталот А1он открива детали за кобната ноќ во која до смрт беше претепан ракометарот Денис Тот во Скопје.

А1он објавува дека причината за првата кавга била бизарна – место во такси возило.

Од нивните информации дознајте кој го задал кобниот удар, кој се обидел да помогне, но и кој бил најбесчувствителен за време на целиот настан:

Место во такси е причина за кавгата

Клементина, која на снимките кои протекоа крвнички го клоца неподвижното тело на Тот, пред да влезат во таксито разговара со него без знаци дека за неколку секунди ќе го нападне. Прво на задното седиште во такси-возилото е седнато единственото момче кое подоцна го штити Тот од удари. По него влегува Анџело заедно со Клементина. Тие му прават место и на убиениот Тот, кој како четврти патник седнува на задното седиште. Во тој момент уште едно момче од друштвото ја гаси цигарата и отвора врата за да седне како петти патник на задното седиште во таксито на спротивната страна од Тот. Бидејќи нема место за него, Андреј, кој е седнат на совозачкото седиште, излегува од таксито, ја кружи колата и го вади надвор Тот.

Ракометарот разговара со Анџело и Клементина додека излегува. По неколку секунди, кога Андреј се повлекува за одново да влезе во таксито, Клементина излегува и го напаѓа Тот. Тој ѝ ги задржува рацете за да не го удри, по што излегува и Анџело.

На Тот му пресудил првиот удар

Тот и Клементина ги раздвојува Анџело, кој му удира бокс на Тот. Ракометарот губи рамнотежа, но Анџело го удира и вторпат. Додека Тот паѓа, Анџело замавнува и третпат, но го промашува. Тот паѓа на земја. Третоосомничениот Андреј прв го шутира, па по него и Клементина. Тука за првпат истрчува дечкото кој е прв седнат во таксито. Ги трга Клементина, Анџело и Андреј од Тот и се обидува да му помогне. Тој се бори и со Клементина, која успева да се протне и уште еднаш да го шутне Тот во делот на вилицата. Анџело е веќе незаинтересиран, па и ја собира падната чанта на Клементина. Девет лица го гледаат целиот настан, а само дечкото кој претходно ги тргаше осомничените од Тот, му помага на ракометарот. Андреј го удира со рака.

Додека Тот лежи во бесознание, Клементина и Анџело повторно влегуваат во таксито. Го повикуваат единствениот кој го штити Тот од удари за да влезе, но тој одбива оти уште пробува да го освести ракометарот. Додека трае обидот за освестување на Тот, Клементина повторно излегува од возилото, и го гази ракометарот уште двапати на стомакот. На крај, Анџело ја убедува и таа третпат влегува во таксито. Но, тука првпат се вмешува таксистот, кој е сведок на целиот настан, ја вади Клементина од возилото и самиот заминува со празно такси.

Откако му удри боксови, првоосомничениот за убиството се обидува да го оживее ракометарот.

Тепањето на Тот трае нецели три минути. Откако си заминува таксито, осомничените остануваат без превоз. Од дискотеката излегуваат уште неколкумина и заедно со дечкото кој постојано го штитеше ракометарот, од грб го легнуваат на десна страна, го полеваат со вода. Го враќаат повторно на грб и пак дечкото кој цело време го штити почнува сам да му го масира срцето на ракометарот. Приоѓа и Анџело, кој претходно со боксови го онесвести Тот. Двајцата се обидуваат да го вратат во живот. Анџело го презема масирањето на срцето, а дечкото кој го штитеше му дава вештачко дишење. Им приоѓа и Андреј, помага во масирањето на срцето.

Додека тие се обидуваат да го оживеат, вработена во клубот повикува брза помош. Таа не е сведок на претепувањето на Тот, се појавува десетина минути откако тие излегуваат од клубот. Клементина е единствена од осомничените која не приоѓа да му помогне на Тот. Таа постојано кружи наоколу додека трае обидот да се спаси ракометарот, пишува А1он.

Извор: А1он

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.