Почина младиот Југослав, кој пред неколку часа бараше помош преку социјални мрежи за приватно да се лекува од коронавирус. Во објавата на неговиот профил каде се информира за неговата смрт, се наведува граѓаните повеќе да не донираат.

Југослав почина од последица на Ковид-19. Ве молиме не уплаќајте повеќе средства, а претходно уплатените средства во полн износ ќе ви бидат вратени по завршување на оставинската постапка. Бог да го прости, стои во објавата на профилот на Југо.

Пред неполни 24 часа објавата на Југо со која бара помош, стана виртуелна на социјалните мрежи.

Драги мои роднини, пријатели и сите што ова ќе го прочитате. Дојде момент да немам друг избор и помош да барам јавно. Јас сум Југослав и сум пациент на Клиниката за белодробни заболувања во комплексот Мајка Тереза, позитивен на КОВИД-19 и со лоша клиничка слика. Се борам за секој нареден здив, вода пијам голтка по голтка со многу вложен труд и болка бидејќи грлото ми е во рани од кашлица и исплукување крв. Клиниката е преплавена со заболени, лекарите и сестрите борци се борат како последните упорни херои, жртви на воен фронт. Секој ден се плашам дека можеби ова е мојот последен ден на овој мил свет. Моите сестри веќе заминаа од светот на живите, а јас секој миг се плашам дека мајка ми ќе остане и без последното чедо кое што не успеа да остави ни внуци позади себеси. Сметам дека клиниката неможе да ми ги пружи идеалните услови за мојот организам ги има сите шанси за борба па одлучив да Ви се обратам Вам за помош. Хуманитарните луѓе од млекара Бучен Козјак веќе помогнаа со голем дел од средствата кои ми се потребни да се лекувам на приватна клиника каде што сметам дека медицинскиот тим може да ми пружи подобри шанси за живот, но ми недостасуваат уште 9000 евра за да примам озонска терапија и крвна плазма и да ја продолжам борбата со нови сили, напиша Југо.

Новинарката Анита Петровска Рајковиќ денеска преку Фејсбук статус го праша министерот Венко Филипче дали е вистина дека на приватните клиники се дава терапија која е делотворна за разлика од терапијата која им се нуди на пациентите згрижени во државните болници. Таа апелира доколку е вистина, државата да ја набави потребната терапија за пациентите за правото на живот да не биде привилегија на богатите.

Вчера од корона почина и 21-годишното момче од Кавадарци, позитивно на корона вирус, чиј постар брат, на возраст од 26 години исто така почина од последици од Ковид-19 пред три дена. Со ова семејството Ѓерѓеви, за кратко време остана без двајцата синови и браќа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.